Првата книга му била „Островот со богатството" на Роберт Луис Стивенсон. Во неа младиот херој Џим наоѓа мапа за скриено богатство, тргнува со брод да го бара, и од тој момент секоја страница е полна со пирати, бунтови и убиства.
Калеб се навлекол на книгата. Ја проголтал во едно читање и сè било во ред до последните страници. Но откако го прочитал финалното поглавје, тој скиснал. Џим го наоѓа богатството, се враќа дома и се заколнува дека веќе нема да оди на такви авантури. Како бре така? Толку богатства кои треба да бидат најдени, толку земји кои треба да бидат видени, толку острови до кои треба да се плови, а Џим повеќе сака да си седи дома и да пие чај со мајка му. Каква навреда!
Но Калеб имал решение и за оваа ситуација. Скришно ги скинал последните пет страници а потоа на стара машина за куцање напишал нов крај. Во него Џим доаѓа дома и се спријателува со пронаоѓач кој патува низ времето. Потоа го користи богатството коешто го нашол да изгради турбо моќен пиратски брод, со ракети кои можат да го исфрлат во вселената. Се враќа на островот и се бори со духовите на пиратите, со џиновски јастог и три зли сирени за да го најде остатокот од богаството. На крај го крева целиот остров во воздух. Е, тоа е соодветен крај на книга.
Откако ги напишал странициве, Калеб ги залепил назад во книгата. Ја вратил во библиотека, и никој ништо не забележал. Тоа само го поттикнало да продолжи со герила-поправките и во следните книги. Таква била „Тајната градина" во која едно мрсулаво девојче чии родители умреле се здружува со момче кое не може да оди и има чудна грпка. Тие заедно ја истражуваат проколнатата градина која чува една голема тајна. Но крајот повторно бил за никаде. Ниту еден лик не бил изеден од месождерни растенија, а момчето кое имало толкав трагички потенцијал излегло дека не било воопшто хендикепирано. И ова финале морало да претрпи промени.
Така, биле сменети краевите на повеќе од дваесет книги. И ова би продолжило да не било забележано од библиотекарите. Тогаш Калеб бил прогласен за книшки вандал. Но она што тие не го разбирале е дека тој не реагирал како незадоволен читател, туку како писател. Толку ги сакал овие книги што сакал да ги посвои, тие да станат негови. И тоа го правел со менување на нивниот крај.
Учителката повторно се досетила, и сега наместо книга пред него ставила празен лист за да ја напише книгата која отсекогаш сакал да ја прочита. Составил една, па уште една. Денес е професионален писател за деца, познат по серијата книги за Ајви Покет. Се надева дека некој од читателите ќе ја скине последната страница од неговата книга. И ќе напише своја.