Пасионираните играчи на „Скребл“ ги знаат правилата - ако конкретниот формиран збор е дозволен според правилата, и го има во официјалниот речник специјално наменет за играта, тогаш неговото значење е небитно. Исто како и со неофицијалната македонска верзија која ја промовиравме пред помалку од една година, а која се потпира на Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Која и да е комбинација на букви која нуди најдобар стратешки резултат е правилна.
Но американските (и не само американските) протести против расизмот и политичкото насилство поттикнаа реобмислување на голем број нешта, па сега дојде на ред и играта. Северноамериканското здружение на играчи на Скребл минатата недела излезе со повик за елиминирање на навредливите зборови - околу 80 од нив, како и алтернативен спелинг на вкупно 238 зборови од „матер списокот“ на зборови кои се дозволени при натпревари во оваа игра.
Извршниот директор на здружението, Џон Чу, му пишал на бордот кој се состои од 11 членови: „Кога склопуваме навредлив збор декларираме дека собирањето поени во игра на зборови има поголема вредност отколку пошироката функција на навредата како начин на опресирање група луѓе. Не мислам дека ова е време да придонесуваме кон светските проблеми на начин кој дополнително раздвојува.“
Единствениот стандард до сега за тоа дали некој збор поминува или не е дали тој ги задоволува критериумите за влез во „речникот на Скребл“ - не се дозволени префикси, суфикси и кратенки, зборови кои користат апостроф или цртичка, и сите кои се пишуваат со голема буква. Но она што не е забрането, е дозволено.
Ова не е прв пат Скребл да си ги преиспитува правилата. Во средината на 1990-тите, сопственичка на уметничка галерија од Вирџинија се побунила поради тоа што JEW (Евреин, но и навредлив збор за некој „стиснат“), заедно со други навреди и вулгарни зборови се дел од Официјалниот речник на играчи на Скребл. Хасбро, компанијата која е сопственик на играта, и Меријам-Вебстер, издавач на речникот, одговорија дека речникот само го „складира“ јазикот, а не е морален арбитер. Незадоволна, таа поднела тужба пред Анти-дефамациската лига - меѓународна еврејска невладина организација базирана во САД - чиј став беше дека Хасбро „буквално си игра играчки со омразата“. Компанијата морала да се повлече, а зборовите означени како „навредливи“ беа отстранети од официјалниот Скребл речник.
Компетитивните играчи се побунија и беше постигнат договор: официјалните турнири ќе се раководат по посебен лексикон кој ги дозволува вулгарностите и расните навреди (на пример REDSKIN - црвенокожец, или BOHUNK - навредлив термин за имигрант од централна или источна Европа). Играчите ги собираат ваквите зборови и формираат нешто што е познато како Poo List („какана листа“)
Сега некои од нив предлагаат да ја извршат реформата одвнатре, а не поради надворешни притисоци. Тие подготвуваат список со предлози за бришење на зборови кој ќе биде ограничен исклучиво на навредливи по основа на понижување на другиот поради род, раса или сексуална ориентација. Сепак има и такви во „сивата“ зона или со двојно значење, како BITCH (кучка), кој нема да биде отстранет бидејќи значи и пес во женски род.
Но има и такви кои сметаат дека единствен збор кој во моментов треба да се отстрани е „црнец“ (the N-word), бидејќи тој и во официјалните речници на англискиот е јасно означен како навредлив.
Во сето ова, освен морална арбитража има и попрактични мотиви - отфрлањето на спорните зборови ќе ја направи играта поатрактивна за спонзори или медиуми. Постои и компромисен предлог - зборовите да си останат, но пред секој турнир да се оди со дисклејмер дека низ играта може да се појават такви кои се навредливи, но кои се конструирани без намера да повредат.