Елиот Бритон, композитор од Торонто, инспириран од медиумското внимание кое го предизвикал Фреди во канадските медиуми, компонирал хорско дело во ренесансен стил посветено на бизонот, „зачинет“ со по некој поп акорд, во придружба на традиционални дувачки инструменти и електронски дисторзирани бизонски повици.
Делото премиерно било изведено на крај на април на прославата на културата на Метисите, „Песна на црвената река“. Овој народ се состои од потомци на мешани бракови помеѓу канадско-француско и домородното индијанско население. Уште на почетокот на 17 век домородните жени, главно од племињата Крее, Оџибва и Солту почнале да се мажат со трапери со крзна со шкотско и француско-канадско потекло, кои на нивните територии дошле од јужна Манитоба, Саскачеван и Алберта.
Годишниот лов на бизони бил значаен дел од оваа култура, што им овозможувало и на проширените семејства да ги зајакнат нивните врски и традиции. Песната посветена на Фреди оттаму зборува за специфичното налседство и врската со бизоните, кои и денес се појавуваат во реклами и иконографија поврзана со Манитоба.
Бритон, кој и самиот е Метис, нашол паралела на приказната за Фреди во статија од 1911, која зборувала за последниот лов на овие животни, и за бизон кој одбивал да биде транспортиран во Канада. „Фреди“ е можеби генеричко име за пребегани бизони од ранчевите каде се одгледуваат денес, бидејќи не е јасно дали жителите на гратчето Лорет од Манитоба навистина го гледаат истото животно секој пат. Но Фреди сега има и своја фејсбук страница, се продаваат маички со негов лик, како и реклами низ целиот град, како онаа за фитнес центар: „Тука тренира Фреди. Биди како Фреди.“
Изведувач на делото е Камерата нова, вокален ансамбл на чиј репертоар има современа музика но инспирирана од домородните напеви. Ова е песната за Фреди - Run Freddy Run