Дизниленд во Париз, кој оваа година прославува 30 години постоење, за оние кои се по ваквиот тип забава нуди магичен простор во кој човек може да избега од немагичната реалност. Иако денес местото се смета како идеално за семејни посети, неговите претходници биле од малку похедонистички тип. Забавните паркови генерално водат потекло од концепт кој бил најпрвин промовиран во Британија за време на тн. „Регентски период“ (1811-1820), од таканаречените „Градини на задоволството“, кои ја отсликуваат нашата желба за средини во кои можеме да се втопиме во фантазија и безгрижна забава.
Историски, како најстар забавен парк се смета Дирехвсбакен во Данска. Кога таму во 1583 бил откриен природен извор, местото привлекло толпи народ кои со себе донеле забавувачи и трговци. Сепак, токму лондонските „Градини“ го трансформирале концептот на задоволство. Со влезот во нив општествените норми престанувале да важат, а под плаштот на ноќта, време кога градината всушност била најактивна, се одвивале интриги и тајни врски кои ги надминувале границите на класната и родовата припадност. Дел од паркот бил наречен „Мрачни прошетки“ а се состоел од намерно неосветлени патеки и полјани, каде можеле да се засолнат тајни љубовници, а убаво облечените сексуални работнички да си ја тераат својата работа.
Кога во паркот ќе влезела респектабилна млада дама, џентлмените подразбирале дека таа е подготвена да оди подалеку отколку кога тие би се сретнале вон границите на градината. Странските посетители биле импресионирани од дружбата на различните слоеви - Французите постојано очекувале дека во Лондон ќе избие револуција и не можеле да разберат дека ваквото мешање може, всушност, да доведе до поголема стабилност.
Градините биле како Вегас - што се случувало таму, останувало таму. Или пак било прераскажувано и „зачинувано“ во романите од тоа време, како во сцени од „Панаѓур на суетата“ на Вилијам Такереј од 1848. Со оглед на големата привлечност на ваквите места, особено за туристите, градините наскоро поттикнале наплив на имитации и во Англија и низ светот. Оние во САД наводно не биле толку „порочни“ како британските, туку повеќе создавале чувство на пасторалност среде урбаните простори и биле место за национални прослави, на пример на 4 јули.
Границата помеѓу Градините на задоволството и забавните паркови постепено исчезнувала, особено во Европа. Паркот Тиволи во Копенхаген, кој се отворил во 1841 и се смета дека го инспирирал Волт Дизни, почнал да нуди игри на среќа, вовчиња, колички на судирање и дрвен „ролер костер“. Виенскиот Пратер е отворен за јавност од 1766. Но концептот на затворен и постојан забавен парк без сомнение потекнува од Кони Ајленд во Њујорк. Островот привлекувал посетители од 1800-тите, но до 1904 таму биле формирани три мини-паркови (Стиплчејз парк, Луна Парк и Дримленд) кои, секој за себе, нуделе фасцинантни доживувања.
Луна паркот на пример го добил името по тоа што содржел атракција „Патување до месечината“ во која ракетата Луна ги носела патниците долж имитација на водопадите на Нијагара и над Земјата пред да ги спушти во пештери каде живеел извесен Човек од месечевата палата. На врвот на својата популарност, Кони Ајленд имал над 20.000 имитатори само низ САД. Сепак, со оглед на краткиот годишен период на активност (од мај до септември) на сопствениците им било неисплатливо да инвестираат во квалитетни материјали. Направени од гипс, декорираните но кршливи структури биле лесно запалливи и често се оштетувале пред налетите на ветер или дожд. Дримленд бил уништен во пожар во 1911, а со тоа и целиот сјај на Кони опаднал. Настапила и економската криза на 1920-тите и луѓето веќе немале пари за забава. Следувала Втората светска војна, по која имало нови, повозбудливи типови забава, како телевизија, филмови и автомобили. Забавните паркови тогаш почнале да се сметаат за реликт на едно друго време, барем до создавањето на Дизниленд, кој дефинитивно раскинал со некогашните задоволства ограничени само на возрасните.