„Целта на Дизни истражувања е додавање вредност на компанијата преку научна и технолошка иновација, овозможувајќи развој на содржините, услугите и производите на компанијата“ - пишува на сајтот на овој огранок на Дизни.
Во текст произлезен од него, објавен на 21 јули оваа година под наслов „Факторизирани варијациски автоенкодери за моделирање на реакциите на публиката“, на кој се потпишани дури седум автори од различни универзитети и институции, во основа се објаснува технологијата зад регистрирањето на нашите насмевки, воздишки и муртења во темните кино-сали. А ваквите податоци на Дизни му се потребни за да се види дали публиката реагира на оној начин на којшто било предвидено од страна на авторите и продукцијата - дали се смее на сцени чија цел е да бидат смешни, и дали плаче таму каде што е предвидено да цмиздри.
Со поставување четири инфра-црвени камери и исти такви осветлувачи над кино-платното, истражувачите идентификувале 16 милиони фацијални изрази од повеќе од 3.100 гледачи во тек на 150 прикажувања на девет филмови на Дизни, вклучително „Војна на ѕвездите: будење на силата“, „Зутопија“ и „Книга за џунглата“. За да не испадне дека компанијата правела некаков таен експеримент, треба да се нагласи дека сето ова се случувало само во една сала со 400 седишта, а публиката била информирана и согласна да учествува.
Оваа нова технологија може да им помогне на филмските студија да добијат попрецизни резултати од тест-прикажувањата, кои до сега главно се вршеа преку анкети на одбрана публика, за кои се смета дека не се (веќе) меродавни бидејќи откако филмот ќе заврши човек ги рационализира своите ставови, а можно е и нешто битно да заборави. Доколку тест-проекцијата покаже дека не се добиваат посакуваните реакции, тогаш нешто во филмот може да се смени (како кога во 1982 Е.Т. доби среќен крај откако првичната публика бурно реагирала на убивањето на слаткиот вонземјанин во оригиналната верзија).
Други филмски студија се имаат обидено да ја опремат својата публика со холтери (апаратче што ја регистрира срцевата работа), како што направи 20th Century Fox за тест-проекција на „Повратникот“. Но Дизни вели дека визуелното регистрирање на реакциите е подобро, бидејќи е неинвазивно и овозможува публиката да го искуси филмот „природно“. Што и да значи веќе тоа.