Откако режисерот на „Трговски патник“ (The Salesman), Иранецот Асгар Фархади, најави дека ќе ја бојкотира церемонијата, протестирајќи против забраната на Трамп од јануари за влез во земјата на патници од седум земји меѓу кои и неговата, некако се претпоставуваше дека ова може да влијае врз тоа тој да го добие Оскарот за странски филм. Така и се случи.
И не дека неговиот филм не е добар, но имаше и еден според нас подобар, чие наградување ќе имаше и една фина, иронична нуспојава - англискиот наслов Land of Mine неодоливо асоцира на La La Land, додека неговата содржина - чистење мини во поствоена Данска - е сè само не лежерен мјузикл. Примајќи го Оскарот можеби некој ќе се сетеше Холивуд двосмислено да го нарече „моја земја“, мислејќи на минско поле.
Пролет е 1945. Германија е поразена и нејзините војници ја напуштаат Данска по пет години окупација. Голем број од нив се заробени, а Женевската конвенција за третман на ваквите воени затвореници ќе биде донесена дури 1949. Целиот западен брег на Данска во тој момент е најминиран дел од Европа, а мините од страна на нацистите се поставени заради (погрешната) претпоставка на Хитлер дека токму тука, блиску до Берлин, ќе се случи сојузничката инвазија.
Сето тоа треба некоја да го расчисти за животот да продолжи. Четиринаесет млади Германци (изгледаат како да имаат меѓу 15-17 години) имаат неколку месеци да го сторат тоа, за потоа, како што им е ветено, да си одат дома. Ниту еден од нив нема претходно искуство со оваа работа, а повеќето не знаат ни како изгледа мина. Под команда на поручникот Расмунсен, тие се сместени во колиба близу морето, лоцирајќи ги мините со стапче брцнато во песок, а потоа внимателно демонтирајќи ги. Еден погрешен чекор или невнимателност значи сигурна смрт.
Расмунсен најпрвин е прилично суров кон нив - ги остава без јадење, ги тера да работат и кога се болни. Но полека во него се буди нешто татковско и човечно, и тој почнува да им помага, ризикувајќи да биде прогласен за предавник, и од страна на Данците, и од Британците кои се всушност организатори на целиот „проект“ на деминирање.
Со толку мини наоколу, и со никаква технологија, знаеме дека кога-тогаш во филмот некоја од нив ќе детонира. Тоа и се случува, иако често тогаш кога најмалку се очекува. Режисерот Мартин Зандвлиет има тешка задача - спротивно на стереотипните „чудовишта“ од Германци во повеќето филмови поврзани со Втората светска војна, да се обиде нив да ги прикаже во поинакво светло, но без да премине во патетика и обратна пропаганда. Во тоа му помагаат историските околности кои ги опишува, фактот што Германија во тој момент е на колена, и што прикажаните деминери (од вкупно 2,000 колку што се претпоставува дека ги имало во Данска) се само деца.
Така и најтврдокорниот гледач, кој на почетокот е исто толку „наапан“ како и Расмунсен, до крајот омекнува и е веќе подготвен да им помогне на оние кои останаа живи да се вратат дома. Така, вистинското минско поле стануваат нашите предубедувања и погрешни одлуки, кои можат да имаат далекусежни последици, во живот полн мински полиња.