Себастијан Никола, главниот лик во филмот, има фаца каква што обично им се припишува на сериските убијци. Невпечатлив, со дебел диоптер, штиркани бели кошули и есенски мантил, тој работи како агент за недвижнини во Париз. Има мајка, сестра и зет кои ги одбегнува, минувајќи го времето сам, зад заклучена врата од мистериозна просторија во станот.
Што се случува таму откриваме откако по еден состанок со муштерија тој ги забележува деталите од неговата физиономија, облека и однесување, и детално ги ре-креира, изработувајќи маска и перика од ликот, и нанесувајќи ја врз себе како професионален филмски шминкер. Така, преправен во човек кого воопшто не го познава, неколку денови престојува во неговиот стан и оди на состаноци на некогашни алкохоличари, на тој начин живеејќи, барем привремено, нечиј туѓ живот. Сè до моментот кога за малку не е фатен во лагата.
И покрај инцидентот, тој не се откажува од нешто што барем на прв поглед изгледа како невина, иако малку бизарна role play. Новиот предизвик е виолинскиот виртуоз Анри де Монталте (кого го игра исто така Касовиц, иако гласот изгледа дека е „позајмен“), кој живее повлечено откако во сообраќајка загубил два прста и веќе не може да свири. Овој пат Себастијан уште подлабоко се вовлекува во приказната, запознавајќи се со поранешната придружна пијанистка на славниот виолинист, со која тој има и 12-годишен син, кого никогаш не го сретнал. Границите кои ќе ги премине за да се зближи со детето - на кое очигледно му е потребна татковска фигура - од него прават истовремено и патолошки случај, но и доброчинител.
Крајот на филмот е во блага контрадикција со тоа како е поставен главниот лик на неговиот почеток - музиловски „човек без својства“, чии карактеристики се формираат исклучиво под влијание на околината. Наместо само имитатор на нечиј туѓ живот, тој во последните сцени станува активен чинител на промена. Бидејќи во филмот во ниту еден момент не е дадено образложение зошто Себастијан воопшто има фетиш да влегува во кожата на другите, можеби тука е и клучот за објаснување на неговите постапки - премногу слаб за како „обичен“ и „свој“ да влијае врз нечиј живот, тој е во потрага по идеалниот лик преку кој ќе може да ја иницира таквата (позитивна) промена. Виртуозниот виолинист е супер-херојот во кој се претвора оваа француска верзија на Кларк Кент, чија единствена маана е што не лета. Така Себастијан станува надчовекот кого го посакува, макар и само преку негово глумење.
Претходно од истиот режисер (Матју Делапорт): „Името“