Веројатно не е случајно што некој родум од Неготино би се викал Дионис. Бог на лозата и на виното, тој им ја пренел на луѓето вештината за добивање на овој благороден пијалок, но и на лудилото поврзано со неговото прекумерно конзумирање. Така станал симбол на неразумноста, игривоста и инстинктот, наспроти аполонискиот ред и чистота.
За овој Дионис, главниот лик на Avec l'amour со којшто се отвори овогодишниот Македокс, името е судбина. Додуша не поради виното, туку поради една поинаква опсесија - собирањето стари радио апарати, мотори, точаци, автомобили, дури и булдожери и едрилици. А она што тој сака да им го пренесе на луѓето е радоста од ова хоби, од градењето свој свет од полураспаднати каросерии, испразнети акумулатори, искршени штоп светла, и нивно претворање од обичен отпад во предмети на убавина.
Во свет навјасан од грдото, брзото и нељубовното, преполниот плац на Дионис изгледа како осамен остров. Растрчан меѓу неговите обврски во локалната гимназија каде предава биологија, домот кој всушност на плеќи го носи неговата жена, која по цел ден изработува торти за свадби и крштевки (чие име го дознаваме од маицата на која пишува Шугар арт Грозданка), и секојдневната потрага по нови примероци за својата колекција, тој е заинтересиран за вредноста на парите само кога треба да се ценка за нешто што само навидум изгледа како куп ламарина, а за него има огромна емоционална вредност. Моментите кога тој длабоко воздивнува и ги подгризнува усните гледајќи во стар џип, обраснат во бршлен, кого газдите веројатно го претвориле во кокошарник, се истовремено апсурдни и крајно трогателни. Затоа што Дионис не стои пред најнов модел на Бе-ем-ве, ни пред излог со ајфон седмица, туку пред распадната и никому потребна технологија, во која само тој гледа културно наследство и материјал вреден за почит.
На неговата пасија пак околината гледа со мешавина на игнорирање и благ потсмев, како на луцкасто однесување на дете. Иако често на работ на трпението, единствена која има разбирање изгледа е неговата сопруга, за која Дионис е уште една ставка на долгиот список обврски во текот на денот, покрај трите сина, бизнисот со слатки и грижата за домот. Нејзината доминација тој не само што ја признава, туку понекогаш и игриво се обидува да се гребе од ваквиот однос, како кога на општа смеа во публиката ѝ вели: „Ми бараат 200 евра за Дијаната. Ама јас прво сакав да се консултирам со тебе, тоа да биде заедничка одлука“. Иако и ние, и таа, многу добро знаеме дека неговата одлука е одамна донесена.
Има тука и пресмешни сцени, особено оние кои ја спротивставуваат пасијата на Дионис со не многу ентузијастичниот и бирократски однос на локалните власти, кои формално го поддржуваат, но чиј говор, особено оној на телото, кажува нешто поинакво - дека порадо би биле на друго место отколку на глупа изложба на стари коли или на отварање на нивен замислен музеј, за што од општинската каса се одвоени дури сто евра. „Ама ќутете“ им вели Дионис на неговите гости, среќен што воопшто се тука, и што неговиот труд не е за-луден.
Сепак најсилните сцени се оние на неговиот последен работен ден, кога како и секој друг, со сивиот мантил, дневникот и анатомскиот модел на човечко торзо тој влегува во училницата, каде го чекаат матурантите на кои им бил класен последните четири години. И додека тој едвај успева да го прочита претходно составениот говор бришејќи солзите, многумина во публиката го сторија истото. И се потсетивме на она од „Малиот принц“ - „Човек гледа добро само со срцето“. Како кога во скапана Дијана успева да види скапоценост.
Честитки за авторите на филмот, Илија Цветковски и Атанас Георгиев, што во неговата приказна го виделе истото. И што, иако на моменти изгледа дека нивниот наративен олдтајмер ќе влезе во патетична кривина, го исправаат на вистинскиот пат. Оној на љубовта.
Не ја пропуштајте репризата на филмот во четврток, 24.08 во 21 ч.
Трејлерот:
Од саундтракот на Фолтин: