Во 1969, Семјуел Бекет и неговата сопруга дознале дека тој ја добил Нобеловата за книжевност од телеграма од неговиот издавач. „Драги Сем и Сузана“, велел текстот. „И покрај сè, тие ви го дадоа Нобелот. Ви советувам некое време да се скриете“.
Обајцата тешко ја поднесувале славата, па Сузана го опишала ова како „катастрофа“. Бекет одбил да држи предавање по приемот на наградата, а кога шведска филмска екипа го начекала во хотелска соба во Тунис, цело време им ќутел, што резултирало со ова надреално „немо“ интервју.
Нов психолошки биографски филм го прикажува токму овој момент, во кој 63-годишниот автор се измолкнува од Нобеловата церемонија и запаѓа во опасно подземје. Премиерата се очекува следниот месец на фестивалот во Сан Себастијан, а во него Бекет се соочува со настаните и луѓето кои му извршиле најголемо влијание, од доминантната мајка, преку искуството со француското движење на отпорот, кратката врска со ќерката на Џојс, Луција, до подоцнежниот тежок избор помеѓу Сузана и радио продуцентката и преведувачка Барбара Брај.
За Габриел Брн, по потекло од Даблин, ирската позадина на приказната била прилично позната. Но за еден аспект на филмот морал посебно да се подготвува. Тоа е внатрешен монолог кој се игра како дијалог, за што морал да помине неколку дена зборувајќи со - метла. Тој е среќен што ова не е уште еден од оние биографски филмови кои го претставуваат животот на главниот лик „од лулка до гроб“, па оттаму тој и не морал многу да личи на авторот (што значи не морал да ослабе 15 кила).
„Прво играј“, насловот на филмот, е преземен од реченица во „Чекајќи го Годо“ - Прво играј, после мисли. Автор на сценариото е шкотскиот автор Нил Форсит, а режисер е Џејмс Марш („Теоријата на сè“), кој ја следел кариерата на Брн многу пред „Доведете ги осомничените“ (Usual Suspects), филмот кој од него направи ѕвезда. Покрај Брн во филмот игра Сандрин Бонер како Сузана и Фион О'Ши како најстарата од трите помлади верзии на Бекет. Сите освен последната сцена се во црно-бело.
Целото интервју тука