Се сеќавате ли на книгата која ја претставивме во Букбокс читанка, „Тие имаат збор за тоа: лексикон на непреводливи зборови и изрази" од Хауард Реинголд? Не знаеме дали Пеи-Јинг Лин, студентка по дизајн, се инспирирала токму од неа, но во нејзиниот најнов проект „Неискажливото" се обидува да ја истражи врската помеѓу светогледот на различни народи, како тој го формира нивниот фонд на зборови, и дали има зборови кои опишуваат некој феномен во одреден јазик, а тој сосема да отсуствува во друг, на кој излегува дека е неискажлив.
Проектот се состои од неколку дела. Првиот е инфографик на кој се претставени зборови за чувства во различни јазици кои отсуствуваат во англискиот, и нивните најблиски еквиваленти на овој јазик. На пример данското Hugge кое означува пријатност и конфор, чувство на уживање во храна и пијалок со пријателите и семејството во англискиот е поврзано со зборовите „радост" (joy), „задоволство" (satisfaction), а пак тие со поопштото „добро расположение" (cheerfulness). На овој начин секој од непреводливите зборови се дефинира преку неколку познати и блиски емоции на оние кои зборуваат англиски но не и дански, со чие комбинирање се добива барем приближна дефиниција на поимот.
Вториот дел е „архива на емоциите" - Лин работела со еден Русин и тројца Германци за да состави цел список на чувства, и да види дали е можно тие прецизно да се преведат на руски, германски и кинески. Предвид се земени и изразите на лицето, тоналитетот и телесните движења при изговарање на секој од овие зборови.
Третиот дел се однесува на транс-јазичната комуникација:
парови луѓе кои не го зборуваат јазикот на другиот се замолени користејќи ја мапата на емоции да раскажат еден двоминутен филм.
Последниот, четврт дел содржи алгоритам за измислување „персонализиран" јазик, наменет особено за оние кои добро зборуваат повеќе јазици. Тој овозможува искажување на сопствените чувства со мешање на најдобрите инструменти кои ги нудат различните јазици. На крај има и кратки видеа од резултатите - Тајванец чиј мајчин јазик е истовремено францускиот, Сингапурец кој истовремено користи англиски, мандарински и малајски и е фасциниран од велшкиот..
Кога ќе видиш, навистина е убаво да располагаш со повеќе зборови за да се искажеш. Иако, и молчењето кажува доста, на кој и јазик да ќутиш.
Повеќе на страницата на Пеи-Јин Линг.