Емил Сјоран: Нема креативност без зрнце лудост

Зошто губиме време со тривијалности? Затоа што се плашиме од содржината на нашите внатрешни дамари. Што ако ги отвориме, ако видиме што се наоѓа таму? Како домаќински да се однесуваме кон нашата инспирација - што кога ја нема, и што кога ја има премногу? Генијален осврт кон економијата на вдаховението од Емил Сјоран, романски филозоф и есеист.

Емил Сјоран е романски филозоф и есеист, роден во 1911-та во тогашната Австроунгарска империја. Својот работен век го минува главно во Париз, а иако важи за песимист и во своето портфолио има црни дамки поради кокетирање со фашизмот и нацизмот, за себе напишал дека „живее само затоа што во негова моќ е да умре кога сака“, а дека без идеи за самоубиство, одамна би се убил.

Во продолжение извадок од неговата „Крикот на безнадежноста", и неколку поенти околу неизбежната врска помеѓу креативноста и бидувањето сам.

***

Зошто се преокупираме со изразот и формата, обидувајќи се да се ослободиме од содржината – и непотребно создаваме еден хаотичен и бунтовен процес? Нели осаменоста е похранлива за нашите внатрешни сокови, настрана од стремежот кон објективизација, кој не е ништо повеќе од обид длабоко да се закопа суштината на сите зовриени и внатрешни превирања? Кога би се бавеле со нив, би живееле интензивно, обдарени со внатрешен раст кој ги збогатува духовните искуства до исцелување. Во создателска возбуда се развиваат повеќекратни и разновидни искуства. Чувството на расположливост со духовните содржини и нивното сложено присуство доаѓа како последица на овој раст, и е слично како бидувањето издигнат на бранови или некаква ненадејна музичка возбуда. Да се биде „полн со себе“, не во смисла на ароганција туку во смисла на збогатеност, да се биде измачуван од внатрешниот бескрај и тензиите однадвор, значи да се живее толку интензивно што човек има впечаток дека ќе умре од живот.

Ова чувство е толку чудесно што треба да биде изживеано викајќи. Чувствувам дека треба да умирам од живот и се прашувам дали ќе има смисла да барам објаснување за истото. Кога сè што имате како духовно минато тлее во вас, во моментот на бескрајна напнатост, кога целосното присуство ги ослободува претходно заклучените искуства и кога ритамот губи рамнотежа и единственост, тогаш од височините на животот сте фатени во смрт без страв од неа, оној страв што е верна сенка на мачната опсесија на смртта. Ова чувство е споредливо единствено со она што го доживуваат љубовниците кога, на врвот од својата заљубеност, им се појавува минлива но интензивна слика на смртта, како момент на несигурност кога во љубовта што се раѓа се појавуваат чувства на крај или напуштеност.

Премалку има такви кои можат да ги износат ваквите искуства докрај. Секогаш постои сериозна опасност при одржувањето на содржината - што бара да биде опредметена, што предизвикува затварање на енергија која во следна фаза тежнее кон експлозија - бидејќи во спротивно може да дојде момент кога е невозможно да се владее со тоа неиздржливо расположение. И потем уништување, предизвикано од она што се излеало од преполното. Има доживувања и опсесии со кои е невозможно да се живее. Не лежи ли тогаш спасот во нивно исповедање? Страшното искуство и грозната опсесија со смртта – кога предолго се чуваат во свеста - стануваат уништувачки. Зборувајќи за смртта вие спасувате нешто од себе, но истовремено и дел од вашето битие изумира, бидејќи содржини кажани наглас губат на актуелност во свеста. Лириката е обид да се отфрли фактичкиот субјективитет, бидејќи укажува на тлеечкиот живот во поединецот кој не може да се надмине, туку бара постојан израз и редовно празнење. Да се биде лиричар значи неможност да се остане затворен во себе. Оваа потреба која оспособува е дотолку поинтензивна колку што лириката е по внатрешна, подлабока и поконцентрирана. 

Зошто човекот е лиричен во болката и љубовта? Затоа што овие чувствени исходи, иако различни по својата природа и ориентација, извираат од најдлабокото и најинтимното гротло на нашето битие, од самиот центар на субјективноста, што е еден вид зона од која проектираме и зрачиме.

Да се биде лиричен кога животот врие во ритамот на суштината е искуство што е толку силно што ја синтетизира целата смисла на нашата личност. Она што е единствено и специфично во нас се реализира во така експресивна форма што индивидуалното се издигнува на ниво на универзално. Најдлабоките субјективни искуства се и најуниверзални, бидејќи тоа се плодови што ни идат директно од изворот, од исконскиот фонд на животот што е единствен за сите.

Ригидното нурнување во себе води кон универзалност, недостапна за оние кои остануваат во плитко. Вулгарното толкување на универзалноста гледа на тоа повеќе како на посложена форма на проширување одошто како на поквалитетен и побогат волумен. Затоа некои гледаат на лириката како периферна и инфериорна појава, производ на духовна непостојаност, наместо да видат дека лирското богатство на субјективноста упатува на животоносните свежини и внатрешните длабочини.

Има луѓе кои стануваат лиричари само во пресудните моменти во животот; има и такви кои стануваат тоа во агонија, кога целото нивно минато се буди и ги напаѓа како виор. Но, повеќето се „полиричуваат“ откако ќе доживеат суштествени искуства, кога будењето на интимниот фонд на нивното битие достигнува кулминација. Така, луѓето кои имаат склоност кон објективизација и обезличување, отуѓени од себе и отуѓени од длабочините, откако ќе станат робови на љубовта, доживуваат чувства кои ги будат сите нивни лични резерви. Фактот што речиси секој пишува поезија кога е заљубен, потврдува дека средствата за конвенционално размислување се премногу слаби за да се изрази внатрешниот бескрај и дека внатрешната лирика наоѓа адекватен начин на објективизација само преку флуидниот и ирационален материјал. Зарем страдалништвото не е аналогно на тоа? Никогаш не сте ни претпоставувале што криете во себе и што крие светот, сте живееле на периферијата и сте биле задоволни, кога најсериозното искуство по искуството на смртта (како претчувство за истата), страдањето, ве победува и ве носи во бескрајно сложена област на постоење во која вашата субјективност зоврива како во вител. Да се биде лиричен во страдањето значи да се сфати тоа внатрешно согорување и прочистување, во кое раните престануваат да бидат надворешна манифестација без длабоки компликации, туку учесници во сржта на нашето битие. Лириката на страдањето е песна од крв, место и нерви. Вистинското страдање извира од бол. Затоа сите болести имаат свои лирски доблести. Само оние кои вегетираат во скандалозна бесчувствителност остануваат безлични во случај на болест која речиси секогаш резултира со продлабочување на личноста.

Лиричар се станува само после органско и целосно нарушување. Случајната лирика има извор во надворешните определби, со чие исчезнување имплицитно го снемува и внатрешниот соговорник. Нема внатрешна лирика без зрно внатрешна лудост. Извонреден е фактот дека почетокот на психозата се карактеризира со лирска фаза, во која исчезнуваат сите вообичаени рампи и граници за да отстапат место на едно од најплодните внатрешни пијанства. Ова ја објаснува поетската хипер-продукција од првите фази на психозата. Лудилото може да биде пароксизам на лириката. Ја воздигнуваме лириката за да не треба да ја воздигнуваме глупоста. Лириката е состојба надвор од формата и системот. Флуидност, внатрешен тек ги обединува сите елементи на внатрешниот живот во еден налет, како во идеална конвергенција, и создава интензивен и целосен ритам. Во споредба со префинетоста на културата, замрзната во форми и рамки кои маскираат сè, лириката е варварски израз. Таму, всушност, лежи и неговата вредност: да се биде варварин, односно да се биде само крв, искреност и пламен.

илустрација: Кристијан Вијанарко

25 ноември 2022 - 16:31