E-смеење: разликата меѓу „хаха" и „хехе"

Навидум малата нијанса во тоа како вербално се смеете онлајн може да произведе различни толкувања - од арогантни до лажно егзалтирани. Помислете на ова следниот пат кога на вашиот виц некој ќе одговори со „хехе“.

Има луѓе што во недостаток на друг одговор, или затоа што навистина им е смешно баш сè што ќе напишете, постојано ви одговараат со ономатопеи на смеење. Има тука ха и хе, па удвоени во хаха и хехе, но и поентузијастичното хааааа! Текст во Њујоркер ја анализира семантичката разлика помеѓу овие варијанти, кои не се баш наивни.

 

 

 

 

 

 

 

 

Основната единица на пишуваната смеа, за која знаеме од книгите и стриповите, вели авторката Ларсон, е „ха". Тоа е како Лего, градежен материјал од кој може да се конструира поелаборирана смешност. „Ха" е знак дека сте препознале виц, но и дека тоа е сè што тој заслужува. Така, тоа може да биде и навреда, ако оној кој сака да ве насмее имал поголема амбиција, но може да е и сосема доволно ако тоа било само патемна забелешка.

„Хаха", пак, е веќе смеење со почит. Тоа значи дека сте вистински развеселени, па дури и дека реално сте се насмеале на глас. Но три и повеќе „ха" веќе значи дека сте легнале на земја и удирате со рацете од егзалтираност, дека реагирате „од стомак", додека колегите ве гледаат во чудо. Но и за ова мора да бидете искрени. ХАХАХАХАХХА употребени премногу пати значи дека лажете дека воопшто сте го сфатиле вицот, или дека тој ви е смешен.

 

Tee hee hee =P photo shirley.gif
Tee hee hee =P photo shirley.gif

 

 

 

 

 

 

 

 

„Хе" е на спротивната оска од оваа хистерија, и обично има циничко-иронична конотација. Удвоено е уште полошо, и зависно од контекстот може и да е ситење, сеир, ароганција. Од друга страна „хихи" звучи некако детски, како кикотење кога си направил или си препознал некаква ситна беља.

Во англискиот, а веројатно и во некој нов, дигитален македонски на новите генерации, сигурно има уште голем број варијанти, покрај смешкачките емотикони, ROFL и LOL. Најбитно: смејте се од срце, макар и виртуелно.

5 мај 2015 - 08:45