Според Клис креативноста не е некаков мистериозен, редок талент, туку таков кој може да се развива и секој да го добие, иако можеби го нема од раѓање. На практични совети во оваа смисла е посветена неговата нова книга „Креативност“. Во интервју во Њујорк тајмс по тој повод, славниот монтипајтоновец одговара на прашања поврзани со книги и читање. Пренесуваме извадоци:
Опишете го вашето идеално читачко искуство (кога, каде, што, како)
Моето идеално читачко сценарио е фотеља во студеникава соба. Надвор, сонце и базен; внатре, чопор мачки и бескрајна достава на природен сок од бозел; наспроти мене, на троседот, жена ми, Фиш, за да можам од време на време да ја погледнувам.
Каков читател бевте во детството? Кои детски книги и автори најмногу ги сакавте?
Кога бев дете главно читав за животни и крикет. Секогаш имав интензивна врска со крзнени суштества, па ги конзумирав книгите за доктор Дулитл, „Длабока шума“ и „Месечината на еден еж“ на Елестон Тревор, „Ветерот во врбите“ на Кенет Греам и „Џок од Бушвелд“ на Перси Фицпатрик.
Потоа во тинејџерските години читав авантуристички романи, веројатно за да компензирам за моето отсуство на храброст. Ги сакав книгите на Конан Дојл, на Хоарциј Хорнблоуер, Александар Дима, пиратите на Рафаел Сабатини и книгите на Џон Бушан во кои добро развиени ученици од некогашните државни училишта можеа без напор да се преправат во слабички продавачи на теписи, без локалците да препознаат дека нешто не е во ред. На 16, конечно, Шерлок Холмс, серијалот за Фадер Браун, Агата Кристи и книги за хуманизам!
Сте биле наратор на голем број аудио книги, од Данте до доктор Сус. Дали гласното читање на некое дело ви ја менува перцепцијата за него?
Започнав на радио и секогаш го сакав овој медиум. Мислам дека е до минималноста на технологијата. Само микрофон и столица што не крцка. Сè се сведува на сценаријата и на изведбата, никој не доаѓа да ти го подмести микрофонот или вратоврската, не ти го размавтува првутот од јаката на секоја сцена. Ова резултира со најинтимен медиум, и за слушателот и за водителот.
Снимањето аудио книга е второто најдобро нешто. Работата е што самиот си отежнувам затоа што верувам (без особено добра основа) дека не треба да звучам како да читам! Треба да звучам како да му раскажувам приказна на пријател. Затоа сум бавен. Единствено убрзав кога си ја читав автобиографијата, затоа што ја имам напишано самиот, што денес е реткост за автобиографии - факт кој ми го кажаа луѓе кои се информирани.
Како си ги организирате книгите?
Не ги организирам. Имам расфрлано книги низ целата планета, како и поранешни жени. Кога ќе умрам, сакам сите што не сум ги прочитал да ги закопаат со мене. Мојот гроб ќе биде наречен Маунт Клис.
Организирате книжевна вечера. Кои тројца автори, живи или мртви, би ги поканиле?
За вечера би ги поканил Дејвид Хјум, Џорџ Елиот и Марк Твен. Хјум не само поради неговите воодушевувачки размислувања, туку и затоа што бил брилијантно човечко суштество. Би сакал да знам како се соочил со смртта на толку елегантен начин. Би можеле да играме билијард. А Твен затоа што изјавил дека „музиката на Вагнер е подобра отколку што звучи“, што мислам дека е најдобрата шега на сите времиња. Твен никогаш не е вицкаст на скрупулозен начин; секогаш има нешто храбро во него.
Целото интервју тука
Види претходно: 5-те фактори на креативност на Џон Клис