Во септември пишувавме за промените во концептот на наградата Букер, која од 2014 ќе се доделува не само за романи напишани на англиски oд жители на Комонвелтот, туку и на американски писатели. Покрај сите контроверзи која ги поттикна ваквата одлука, имаше и објаснување дека ваквиот потег се должи на воспоставувањето нова книжевна награда во Британија, Фолио, за белетристика напишана на англиски, без оглед на потеклото на авторот, сè додека е објавена во Британија.
Првиот добитник на таа награда е објавен денес - тоа е американскиот автор Џорџ Сондерс (George Saunders) кој добива 40,000 фунти за збирката кратки раскази под наслов „Десети декември". Откако Алис Монро доби Нобелова за нејзиното творештво кое главно се состои токму од кратки раскази, изгледа како овој жанр да добива на популарност и значење. Според зборовите на Сондерс, тоа е како женските списанија одеднаш да објавиле дека „црвеното е повторно во мода".
Освен што е воспоставена како реакција на отсуството на американски автори од Букер (за потоа пак Букер, ко за инает, да ги внесе на голема врата), она што е карактеристично за наградата Фолио е што во жирито секогаш ќе има писатели и критичари, одбрани од академијата, која сега брои 187 членови. За разлика од помпезноста на манифестацијата на која се доделува Букер, оваа награда се доделила на неформален собир во централен Лондон, без вратоврски и свечени фустани.
Расказите на Сондерс (55) се објавувани во Њујоркер и GQ, а пишувал и колумна за Гардијан под наслов „Американска психа". Поранешен инженер по геофизика, тој сега предава пишување на Универзитетот Сиракуза во Њујорк.
Како што предупредуваа оние кои беа против мешањето на британски и американски прозни автори, и повеќето од останатите имиња кои влегоа во потесен избор беа Американци. Што би се рекло, они си знаат...