Букеровата награда, или како што гласи нејзиното целосно име Man Booker Prize for Fiction, е книжевна награда која се доделува секоја година за најдобар роман напишан на англиски јазик,од страна на жител на Комонвелтот, Ирска или Зимбабве. Иако претходно се водела под други имиња, се смета дека нејзиното доделување започнало од 1969.
Од следната, 2014 година, предвид при нејзиното доделување ќе бидат земани и романи од американски автори. Ова поттикна бројни дискусии околу исправноста на промената. Оние кои се против своите аргументи ги сумираат во три точки:
1. Американците веќе имаат доволно книжевни награди (Пулицер, Националната книжевна награда и биеналната, меѓународна Букерова награда), а притоа им дозволуваат на Британците да конкурираат само за една нивна, и тоа само доколку книгата е објавена од американски издавач (National Book Critics Circle Award).
2. Потегот лошо ќе се одрази врз британските, ирските и другите автори од Комонвелтот - постои опасност поголемата конкуренција да значи и помала шанса за дебитантите и понеизвиканите автори да дојдат до израз, соочени со популарната американска белетристика
3. Потегот лошо ќе се одрази и на Букер, бидејќи досегашното ограничување всушност ја дефинираше наградата, и и го обезбедуваше нејзиниот посебен идентитет.
Оние пак кои се ЗА велат дека ако ја отворите наградата за сите луѓе кои пишуваат на англиски, тоа би претставувало фантастичен преглед на сето напишано на овој јазик, дека отсуството на американски автори е анахроно, и дека наградата која изнесува 50,000 фунти е лесно да се пресмета во долари. Можно е сето ова да е реакција на воспоставувањето на нова книжевна награда која ќе почне да се доделува од 2014, The Folio Prize, која е отворена за белетристика напишана на англиски, без оглед на потеклото на авторот, сè додека е објавена во Британија.
Одлуката за отварањето на наградата за американски автори организаторите официјално ќе ја соопштат утре, 18.09.