Добитникот на Струшкиот венец: Сè што сакав е да пишувам песни од кои нема да се срамам пред пријателите

Да го искористиме моментот дур уште „се јава на бранот на еуфоријата“ во врска со СВП, за да проговориме за важните работи. На пример за тоа кој е овогодинешниот добитник, за кого никој не се сети да крене џева. А човекот самиот си кажува дека не само што не е некој генијален поет, туку дека има и побитни работи од поезија. На пример - полнење стапици за глувци со путер од кикирики.

Душан „Чарлс“ Симиќ (1938), српско-американски поет, добитник на Пулицер за поезија во 1990 за збирката „Светот не завршува“ и два пати финалист за истата награда. Во 2007 ја извршувал должноста на петнаесетти Поетски лауреат-консултант, позиција која Конгресната библиотека од Вашингтон ја објавува веќе деведесет години (други такви лауреати беа, на пример, Бродски и Филип Левин, за кои пишувавме тука). Емигрирал со семејството од Белград во САД во 1954, на 16 годишна возраст, растел во Чикаго, завршил факултет во Њујорк, а сега е почесен професор по американска книжевност и креативно пишување на Универзитетот во Њу Хемпшир, каде предавал од 1973. Бил уредник за поезија на The Paris Review, есеист, фиозоф, преведувач. Негови текстови во Букбокс до сега имало два, „Клозетска муза“ за неговата навика да чита во ве-це,  и „Зимски филозофи“ за тоа дека на ладно сите стануваме мислители.

Ете тоа е човекот кој од 23 август, кога почнуваат Струшките вечери, ќе биде почесен гостин во градот на поезијата. И тоа искуство веројатно ќе му помогне во одговорот на прашањето кое самиот си го има поставено пред неколку години, во есеј под наслов - „Зошто уште пишувам поезија“. Го пренесуваме во целост:

***

Кога мајка ми беше многу стара и сместена во дом, еден ден при крајот на нејзиниот живот ме изненади со тоа што ме праша дали сè уште пишувам поезија. Кога промрморев дека уште го правам тоа, таа се загледа во мене во чудо. Морав да ѝ го повторам тоа што го кажав, додека не воздивна и ја затресе главата, веројатно мислејќи си дека синот секогаш ѝ бил малку нетокму. Сега кога сум во моите седумдесети, од време на време луѓе кои не ме познаваат добро ми го поставуваат истото прашање. Голем број од нив, претпоставувам, се надеваат дека ќе речам дека ми дошол умот и дека сум се откажал од таа налудничава пасија од младоста, па се видливо изненадени кога ќе им признаам дека тоа уште не е така. Изгледа мислат дека има нешто прилично неславно, па дури и шокантно во врска со тоа, како кога на мои години би бил во врска со средношколка, и кога би возел ролерки со неа навечер.

Друго прашање, кое во интервјуа им се поставува и на постарите и на помладите, е кога и зошто се одлучиле да станат поети. Претпоставката е дека има момент кога тие сфатиле дека за нив нема друга судбина освен да пишуваат поезија, што споделено со семејството резултира со мајчин извик: „О Боже, што ли сторивме за да го заслужиме ова?“, додека татковците го вадат каишот и ги бркаат низ собата. Често сум бил во искушение со камен-фаца да им кажам на новинарите дека сум ја одбрал поезијата за да ги џапнам големите пари од наградите, бидејќи ако им го кажам спротивното тоа секако би ги разочарало. Тие сакаат да слушнат нешто херојско и поетско, па им велам дека јас бев само едно обично гимназиско момче кое пишува песни за да ги импресионира девојките, но без поголема амбиција од тоа. Бидејќи англискиот не ми е мајчин, тие исто така ме прашуваат зошто не сум ги пишувал песните на српски и се чудат како сум се одлучил да го баталам. Повторно, мојот одговор им изгледа без врска, кога им објаснувам дека за поезијата да биде употребена како инструмент на заведување, првиот услов е да биде разбрана. Ниту една американска девојка нема да биде заведена од момче кое ѝ чита песни на српски, додека двајцата пијат од тоа Кока-колата.

За мене е мистерија тоа што продолжив да пишувам поезија долго време откако престана потребата за тоа. Моите рани песни беа засрамувачки лоши, а оние кои следеа не многу подобри. Во животот познавав одреден број млади поети со огромен талент, кои се откажаа од поезија дури и откако им беше речено дека се генијалци. Никој не ја направи таа грешка со мене, и јас продолжив. Сега ми е жал што си ги уништив раните песни, затоа што не можам да се сетам од кого беа инспирирани. На времето, кога ги пишував, читав главно проза и не знаев многу за современата поезија и за модернистите-поети. Единствената поголема изложеност на поезија ми беше годината кога одев на школо во Париз пред да пристигнам во САД. Не само што нè тераа да ги читаме Ламартин, Иго, Бодлер, Рембо и Верлен, туку моравме и да научиме наизуст нивни песни и да ги рецитираме пред одделението. Тоа беше кошмар за мене со оглед на мојот рудиментарен француски, и гарантирана забава за моите соученици кои пукаа од смеа поради начинот на кој погрешно ги изговарав најубавите и со право најпознатите стихови поезија во француската литература - ми требаа години да се соберам сила и да се навратам на она што го научив тогаш. Денес, јасно ми е дека мојата љубов кон поезијата доаѓа од тие читања и тие рецитации, кои оставија подлабок печат врз мене отколку што можев да сфатам додека бев млад.

Има уште нешто во моето минато за кое дури неодамна сфатив дека има големо влијание врз мојата истрајност да пишувам песни, а тоа е мојата љубов кон шахот. Ја научив играта во воениот Белград од пензиониран професор по астрономија кога имав шест години, и во текот на неколку години станав доволно добар за да ги победувам не само сите деца на моја возраст, туку и голем број возрасни во маалото. Моите први бесони ноќи, се сеќавам, се должеа на партиите кои ги имав загубено и кои повторно ги играв во главата. Шахот ме направи опсесивен и внимателен. Уште тогаш не можев да го заборавам секој погрешен потег, секој понижувачки пораз. Ги обожував игрите во кои обете страни се сведени на неколку фигури и во кои секој потег е од суштинско значење. Дури и денес, кога мојот опонент е компјутерска програма (ја викам „Бог“) која ме насамарува девет од десет пати, не само што сум воодушевен од нејзината супериорна интелигенција, туку моите порази ми се многу поинтересни од моите ретки победи. Видот песни кои ги пишувам - главно кратки, кои бараат бескрајни поправки - често ме потсетуваат на партии шах. Нивниот успех зависи од тоа зборот и сликата да бидат поставени во соодветен ред, а нивниот крај мора да ја отсликува неизбежноста и неочекуваноста на елегантно извршен шах-мат.

Секако, сето ова е лесно да се каже од сегашна перспeктива. Кога имав осумнаесет години, имав други грижи. Моите родители се разделија и јас бев сам, работејќи во канцеларија во Чикаго и одејќи на часови на универзитетот ноќе. Подоцна, во 1958, кога се преселив во Њујорк, го водев истиот начин на живот. Пишував песни и објавив неколку од нив во книжевни списанија, но не очекував нешто од таа активност. Луѓето со кои работев и кои ми станаа пријатели немаа поим дека сум поет. Малку сликав и ми беше полесно да му го признаам тоа хоби на туѓинец. Сè што знаев со сигурност во врска со моите песни е дека тие не се толку добри колку што сакав да бидат, и дека бев одлучен, за мој личен мир, да напишам нешто од што нема да се срамам ако им го покажам на пријателите. Во меѓувреме, мораше да се бркаат поважни работи, на пример да се оженам, да плаќам кирија, да висам по барови и џез клубови, и секоја ноќ пред спиење да ги полнам стапиците за глувци во мојот стан на East 13th со путер од кикирики.

Автор: Чарлс Симиќ

15 август 2017 - 10:20