Букбокс читанка

ФИЛИП ЛЕВИН - поетски лауреат на САД за 2011/2012 година -

Додека го пишувам ова завршуваат јубилејните, 50. Струшки вечери на поезијата. Не знам дали некој се обидел да процени, преку некаква анкета, истражување или едноставен разговор, дали и колку оваа манифестација повлијаела на животите на Стружани, растени со идејата дека нивниот град е поетска мека, а Струшките вечери автентичен македонски бренд.

Дали стиховите изговорени од мостовите на Дрим во сите овие педесет години допреле до некого вон писателскиот еснаф, го убедиле дека поезијата е релевантна за животот, дека поетите се луѓе кои чудесно точно можат да го опишат она што го чувствуваш, а дека ако самиот пишуваш поезија тоа ќе направи она што го чувствуваш и полесно да го поднесуваш? Има ли поезијата некаква општествена улога, и каква е таа? Дали поезијата воопшто нешто менува?

Ова прашање секако може да се постави за која и да е уметност. Но поезијата помеѓу сите нив е некако „посебна", можеби затоа што е помалку интуитивна од музиката или од сликарството, врзана за одреден јазик, и за способноста не само за читање, туку и за размислување за прочитаното. Што и да е напишано во стихови однапред се смета за неразбирливо и езотерично, нешто што бара поголем интелектуален напор, и доволно време и осама за човек да се задлабочи во него. Тоа сепак не е секогаш така – кажано со јазикот на другите уметности, има поети Бергман и поети Тарантино, такви од типот на Штокхаузен и од типот на Јанко Узунов. Некои од нив „серат мермер", а некои и за највозвишеното пишуваат просто. Едно е сигурно - едните и другите не се трпат. Но запрашани за улогата на поезијата воопшто, тие сигурно ќе се согласат. Дека поезијата има смисла дури и кога, или токму затоа што, ја нема животот.

Веројатно со слично кредо тргнале и иницијаторите на позицијата „Поетски лауреат-консултант", која Конгресната библиотека од Вашингтон ја објавува секоја година, почнувајќи од 1937. Одбраниот поет, кој ја обавува оваа функција од октомври до мај со стипендија од 35,000 долари, според пропозициите, треба да биде „ѕвезда водилка" на поетскиот импулс на Американците, и да го промовира читањето и пишувањето поезија на начин кој тој самиот ќе го одбере.

Така, Јозеф Бродски, еден од лауреатите, иницирал идеја поезијата да биде достапна на аеродроми, во супермаркети и хотелски соби низ Америка. Рита Доув ги поттикнувала писателите да ја истражуваат африканската дијаспора, а организирала и настани на кои поезијата за деца била комбинирана со џез музика. Максин Кумин започнала серија поетски работилници за жени во Конгресната библиотека, во време кога било необично жените да се занимаваат со уметничка активност која не подразбира само плетење и готвење. Ален Тејт бил иницијатор на Архивата на снимена поезија и литература во склоп на Конгресната библиотека, која денес содржи над 2,000 снимки на поети кои ги читаат нивните дела. Во зависност од актуелниот момент, фокусот на лауреатот може да биде на различен општествен проблем, но неговата одговорност, да направи поезијата да не биде некаква „здрвена", мртва и тотално бескорисна работа, е во секој случај голема.

И покрај големиот број признанија во текот на 60-годишната кариера, Националната книжевна награда (National Book Award) во 1991. за збирката „Што е тоа работа", Пулицеровата во 1995. за збирката „Едноставна вистина", и двете стипендии на фондацијата Гугенхајм, веста дека е избран за следен поет-лауреат на САД го извадила од памет Левин, кој сега има 83 години. Роден во Детроит, тој понал да работи во локалните фабрики за автомобили кога имал 14. Искуствата со постојаните чекања пред фабричките порти за да се биде најмен за каква и да е работа, годините минати на лентите за склопување делови на Шевролет и Кадилак, сите овие крајно непоетски искуства оставиле силен печат врз неговата поезија, која со директен и крајно непретенциозен јазик зборува за животот на „сините јаки", на работничката класа од големите индустриски градови, кои во негово време биле сметани за колевка на прогресот.

Левин сепак не е „пролетерски" поет, во смисла на некакво визионерство или бунтовност. Неговиот тон е смирен, ликовите кои ги опишува се експлоатирани но достоинствени, а работата, без оглед колку е напорна, е сепак нешто што според него човека го прави подобар. Оној кој прави луксузен автомобил е подобар човек од оној кој само има пари да го купи, бидејќи го познава занаетот и ја има силата да го произведе со сопствените раце. Отприлика тука, на тоа суптилно ниво, за Левин се одвива класната борба. Она што тој сака да го покаже преку неговата поезија е дека фабричките работници имаат свој внатрешен живот вон халите, и дека спротивно на популарната митологија, тие не се заглупени иако работат повторлива и глупа работа.

„Видов оглас во весник дека Форд бара работници, а беше наведен и часот – осум наутро – кога ќе почнат со изборот. Стигнав околу осум, а пред мене веќе имаше неколкумина. Излезе дека од фабриката дојдоа дури во десет. Почнав да размислувам зошто воопшто најавија за осум? И потоа се сетив – па тие сакаа да чекаме два часа затоа што им требаа луѓе кои беа подготвени да чекаат толку. Со други зборови, доволно послушни луѓе кои можат да станат роботи", раскажува тој во едно од неговите интервјуа. За разлика од повеќето негови колеги, Левин одлучил дека сака да студира, и завршил креативно пишување. Кога работел по фабриките бучавата била толку голема што додека рецитирал поезија никој не можел да го чуе. Но во годините кои следеле неговите предавања ги слушнале студентите на Колумбија, Принстон и Беркли. Машините продолжиле да му бучат само во песните.

Изборот на Левин, „работничкиот поет", за престижната позиција на лауреат-консултант се толкува како одраз на актуелниот миг во САД, кога заради финансиската криза голем број луѓе со крајни маки се обидуваат да преживеат – во таква атмосфера класниот проблем станува исто онолку важен за денешна Америка колку и расните и родовите проблеми во минатото. Ќе видиме каква програма ќе понуди Левин за поезијата во такви околности да не зазвучи патетично или потрошено, туку релевантно и ангажирано. Ние може само да сугерираме нешто за нашата локална средина: ако има таков јунак од домашен поет нека појде на Јужен булевар, онаму каде под сенките чекаат носачи способни да му го кренат шифоњерот или да му го преместат клавирот, или во дворовите на пропаднатите фабрики, во деновите кога се протестира, и нека почне да рецитира. Ако после неколку изговорени стихови не го утепаат од ќотек, тоа значи дека тој е доволно ангажиран и дека ќе можеме да го прогласиме за прв македонски поет-консултант, тогаш кога и ние ќе ја воведеме ваквата фунција. Наместо венец, на овој лауреат ќе му доделиме златни поетски клешти. Да стегне кај што попуштило, и да поправи кај што треба.

Во прилог препев на најпознатата песна на Левин, „Што е тоа работа".

ШТО Е ТОА РАБОТА
Филип Левин

Стоиме во долга редица на дождот
чекајќи на Форд Хајланд парк. За работа.
Знаете што е тоа работа –
ако сте доволно возрасни да го прочитате ова
тогаш знаете што е работа,
иако можеби не го правите тоа.
Заборавете на себе. За чекањето зборувавме,
преместувањето од една нога на друга.
чувствувањето на дождецот кој паѓа како иње
во твојата коса, замаглувајќи ти го погледот
Додека не помислиш дека го гледаш брат ти
можеби десет места пред тебе.
Ги чистиш стаклата со прстите,
и нормално тоа е нечиј туѓ брат,
потесен во рамениците од твојот,
но со истата тажна подгрбавеност,
насмевка која не ја крие тврдоглавоста,
тажното одбивање да му се предадеш на дождот,
на часовите потрошени на чекање,
на знаењето дека некаде напред има човек
кој ќе рече
„Не, не ни требаат работници денес",
заради каква и да е причина.
Ти го сакаш брат ти,
и сега одеднаш едвај ја поднесуваш
љубовта која те преплавува по него, по брат ти
кој не е покрај тебе или зад тебе, или пред тебе
затоа што е дома обидувајќи се
да отспие по мачната ноќна смена во Кадилак,
за да може да стане пред пладне
да си го учи германскиот.
Работи осум часа ноќе за да може да го пее
Вагнер, операта која најмногу ја мразиш,
најлошата музика на сите времиња.
Колку време има поминато
откако си му кажал дека го сакаш,
откако му ги имаш држено неговите широки рамења,
ги имаш ококорено очите
и ги имаш кажано тие зборови,
можеби бакнувајќи го неговиот образ?
Ти никогаш не си направил нешто толку едноставно,
толку очигледно
не затоа што си премлад или премногу глупав,
ниту затоа што си љубоморен па дури ни зол
или неспособен за плачење
во присуство на друг маж, не
туку само затоа што не знаеш
што е тоа работа.

(препев И.Ј.)

1 септември 2011 - 00:00