Интелектуални предности на едно годишно време

Зимски филозофи

Теле кое збунето зјае во полјаната прекриена со првиот снег, езеро кое неодлучно се подготвува да смрзне, мачки стуткани крај нечиј прозорец, ние дур гледаме во чадот кој се извива од оџакот на соседната куќа. Сите зиме стануваме филозофи, чувствувајќи болка за која не можеме да најдеме рана, туку која прави само подобро да погледнеме во себе.

Секој кој размислува е несреќен - вели Сергеј Довлатов во една од неговите приказни. Некои гаврани гракаат по цел ден, други немаат што да кажат. Гледам едeн како шпарта лево-десно низ мојот двор, како Хамлет на сцена. Изгледа дека го мачи нешто нерешливо, нешто премногу комплицирано за мозокот на еден осамен гавран. Но ништо не го кошта да проба, претпоставувам, дури и сосе сета онаа галама која неговите роднини ја прават додека доаѓаат и заминуваат, како патот пред нив да не го прекрива мраз и опаднато лисје, туку свежо прегазен дивеч.

*

Мојот покоен татко, кој за поголемиот број работи имаше добар збор, ги тешеше луѓето кои кукаа заради острата зима, потсетувајќи ги дека во таквите вонредни околности на човека му е дозволено преку ден да испие по нешто жестоко и да изеде чинија врела супа. Освен тоа, тврдеше дека студенилото е добро за концентрација. Штом ќе излеземе надвор, го правиме она што мораме исклучително интелигентно и брзо, за разлика од оние кои се излежуваат во ладовината на некој медитерански или карипски остров. Штом легнеме, времето повеќе не се смета и можеме да размислуваме за вечноста, сметаше Емил Сјоран. Историјата е, вели тој, производ на луѓето кои стануваат и се фаќаат за работа. Може ли човек да биде сонувач или тапчо на Северниот пол? Мојот татко мислеше дека не може. Како звучи Берлиоз на -40? А Шуман? Тоа никогаш не го интересираше.

*

А да морале Платон и Сократ да стружат мраз од шофершајбна и да се бафтаат со акумулатори, сакав да додадам, но ми падна на памет застрашувачката помисла дека и покрај нашите бесконечно долги њухемпширски зими и сосе сета таа силна наводно зголемена интелигенција, во последно време не сме дале ниеден филозоф вреден за споменување. Значи ова чудно чувство, кое го имам кога среде ноќ босоног ќе тргнам надвор преку камен студентата кујна да го погледнам термометарот, тоа дека сум на работ на некое големо откритие, како кога Блез Паскал размислува за тишината на бескрајниот космос, излегува дека е будалаштина. Добро, можеби не потполна: човек со бистар ум се чувствува слободен, дека е господар на својата судбина. Кој вели дека филозофијата е неспоива со тешката работа или со самоодржувањето? Кога со лопата го симнувам снегот од покривот, потајно си се восхитувам дека сум Ничеовиот натчовек.

*

Меѓутоа, некако секогаш имам чувство дека сум опкружен со големи мислители: теле кое збунето стои на полјана прекриена со првиот снег, куче џукче кого го викам Шопенхауер, кој воздивнува врзан со тежок синџир, или оној другиот кој ме потсетува на Карл Маркс и кого го видов како лае на полициски џип додека тој минува крај неговата куќа. Дури и езерото кое се подготвува да се смрзне изгледа неодлучно и загубено во мислите. Што се однесува до мачките, сигурно има барем два Витгенштајна во околните дворови, сосе онаа крупната, долговлакнестата и пругаста која понекогаш ми се припива околу нозете која ја крстив Боетиус, според писателот на Утехата на филозофијата, една од најпопуларните книги на средовековна Европа.

*

„Ниеден филозоф не влијаел дури ни на ставот на својата улица", наводно рекол Волтер. Јас не мислам дека е така. Додека ни се подготвува длабока зима и станува сè постудено, дури и чадот од оџакот на комшијата може да се сфати како филозофирање. Го гледам како се крева и се витка, и му говори на незаинтересираното небо за нашата осаменост, маките и страстите кои ги криеме едни од други, ја гледам запрашаноста и болката над нашата смртност и конечното исчезнување од овој свет. Пред да падне снег, пред да завладее некоја длабока тишина, како во катедрала. Човекот зачудено ги гледа соголените дрвја, и сивата дневна светлина која полека се повлекува преку голите полјани, и се присетува на онаа песна на Емили Дикинсон која зборува за едно исто такво зимско попладне - студено и без ветар, кога ќе се спушти некое нестварно светло а сенките го задржуваат здивот - и за болката која тогаш ја чувствуваме и за која не можеме да најдеме рана, туку само можеме подобро да погледнеме во себе, каде се кријат сите значења и сите неодговорени прашања.

Чарлс Симиќ

20 декември 2012 - 09:03