„Декамерон“ како прирачник за самопомош при пандемија

Има неколку книжевни дела кои почнаа да се препрочитуваат низ призмата на коронавирусот - „Чума“ на Ками, „Слепило“ на Сарамаго, „Беснило“ на Пекиќ. И едно италијанско дело од 14 век, од кое ги памтиме еротските сцени, но на сметка на тоа имавме подзаборавено дека се одвива во време на пандемија.

Џовани Бокачо, италијанскиот ренесансен автор, го напишал „Декамерон“ во време на избувнувањето на епидемија на чума во Фиренца во 1348. Болеста го опустошила градот, намалувајќи го бројот на население за 60%. Бокачо опишал како Фирентинците „паѓале мртви на улица, и дење и ноќе, додека голем број други, иако умирале во своите домови, го привлекувале вниманието на соседите преку мирисот на своите скапани тела“.

Но не биле само телата оние кои се распаѓале - се распаѓало целото општествено ткиво, до тој степен што „родителите одбивале да им помагаат на своите сопствени деца“.

Исто како и денес, луѓето се повлекувале дома, или формирале групи и заминувале од градот. Декамерон (од грчкото дека - десет и мера - ден), следи десетмина пријатели кои заминуваат од Фиренца и се селат во напуштена вила на село. Од моментот на нивното пристигнување во селската идила, тие ги минуваат деновите раскажувајќи си возбудливи и често „мрсни“ приказни.

Книгата често се чита како збирка забавни eтиди, но во кризни моменти како актуелниов таа може да послужи како прирачник за однесување или доза „наративна профилакса“ - самозаштита преку раскажување. Она што Бокачо го препорачува е заминување од градот во добро друштво, она што денес би го нарекле социјална изолација, и пуштање на „мозокот на пасење“ кога веќе не може да се прави ништо друго.

Ваквиот лежерен став на Бокачо инспирирал слични совети, овој пат од медицински лица. Томасо дел Габо, еден од најславните фирентински лекари на тоа време, сугерирал дека соочени со чумата, луѓето треба да одбегнуваат да мислат на смртта. Наместо тоа треба да се соберат во пријатна градина и „да пеат, играат и да раскажуваат приказни, за да не го заморуваат телото, а сепак да се утешат“.

Теологот Николас од Бурго, пак, препорачувал луѓето да се пазат од страв, гнев, тага, преголема вознемиреност, тешки мисли и слични нешта. „Треба да се трудиме да бидеме радосни, среќни, да слушаме приспивни песни, приказни и мелодии“, велел тој.

Колку и да звучи ова романтично и неприменливо во нашиот, 21 век, всушност тоа се истите нешта кои можат да нè спасат - ако не со селење во некаква вила во внатрешноста, а тогаш формирање онлајн заедници преку кои ќе се советуваме, ќе се бодриме и ќе си раскажуваме приказни. Затоа што во време на изолација станува јасно колку социјалните врски се важни за нашата благосостојба.

извор

12 март 2020 - 12:51