Летоска пишувавме за проект на „воскреснување“ на Берлинскиот ѕид и симулација на тоа како изгледало да живееш обиколен од него. Притоа беше спомнато дека извесен руски режисер, дел од тимот кој ја постави огромната уметничка инсталација, ќе проектира и десетина филмови кои се резултат на експеримент започнат во 2009, кога стотици луѓе биле поканети да живеат изолирано од модерниот свет во тек на три години. Но до денес не бевме свесни колкав бил обемот на овој зафат, и со колкава опсесивност бил спроведуван.
„Дау“ личи на сериозно антрополошко истражување. Споредуван е со „проколнати“ филмски проекти како „Апокалипса“ на Копола. Или со Станфордскиот затворски експеримент во кој студенти и професори почнале да се однесуваат како вистински чувари и затвореници. Но додека Станфордскиот морал да биде прекинат по шест дена, овој експеримент траел три години.
Почнал во 2005 како конвенционален биографски филм за вистинскиот руски научник Лев Ландау (оттаму и името Дау). Еден од пионерите во полето на квантната физика, заедно со Нилс Бор, тој бил еден од главните носители на советската програма за атомско вооружување, и е добитник на Нобелова за физика во 1962. Но не експериментирал само во оваа област - верувал дека бракот не треба да е пречка за сексуалните слободи (неговата сопруга, Кора, не била баш толку убедена), а бил поборник и на дрогите.
Режисер на овој филм требало да биде Иља Кржановски, тогаш 29-годишен Русин со само еден претходен експериментален филм под наслов „4“. Главната улога ја добил грчкиот диригент Теодор Куренцис, а непрофесионални актери ја сочинувале главнината на остатокот од екипата - 400 глумци и 10.000 статисти.
Централна локација на Дау бил советски истражувачки институт, инспириран од тајно место каде живеел и работел Ландау од доцните 1930-ти до неговата смрт во 1968. Во 2009, една година по почетокот на снимањето, создаден е гигантски сет, голем колку два фудбалски стадиона, на место на напуштена бања во Харкив, северо-источна Украина. Но кога снимањето завршило, Кржановски, наместо да се посвети на завршување на тој еден филм, се фокусирал единствено на својот новоизграден институт, познат како Дау.
Така филмскиот сет станал паралелен свет: функционална мини-држава, заглавена во средината на 20 век и изолирана од модерноста. Населението го сочинувале стотици „учесници“ кои живееле како некогашните советски граѓани. Автентичноста била опсесивно реплицирана, почнувајќи од облеката (до маици и гаќи), амбалажи и брендови цигари. Времето било сметано од 1938 па натаму, што значи дека секоја година деталите биле обновувани. Учесниците биле плаќани во руски рубљи, кои можеле да ги трошат на лице место. Постари статисти се обиделе да шверцуваат вистински стари руски рубљи, и биле укорени заради користење „лажни“ пари.
Сите биле одбрани преку национална аудиција, а бројот на снимени интервјуа со нив се движи од 210.000-392.000 во зависност од изворот - голем дел од „официјалната“ статистика на Дау е сомнителна. Актерите играле улоги кои ги имале живеено и во реалниот живот - чистачки, келнери, научници, шамани, уметници, дури и реални нео-нацисти и криминалци. Помеѓу академскиот и уметничкиот свет кој дошол на посета или привремено живеел на сетот биле Нобеловецот по физика Дејвид Грос, невронаучникот Џејмс Фалон, професорот по математика од Харварт Шинг-Тун Јау, уметниците Марина Абрамовиќ, Карстен Хелер и театарскиот режисер Питер Селарс.
Но ова не било некакво реално шоу од типот на Големиот брат - речиси ништо од сето она што се случувало не е регистрирано. Само еден снимател се движел низ сетот со тричлена екипа и во периодот 2009-2011 снимил 700 часа - само мал дел од траењето на „ескпериментот“. Сепак, оваа година се планирани три интерактивни изложби, во Париз, Лондон и Берлин, на кои ќе бидат прикажани и филмовите направени врз основа на материјалот, а посетителите ќе можат и самите да истражуваат низ архивата во кабини кои личат на такви за исповед. Париската премиера, која се одржа неодамна, поттикна различни коментари - од тоа дека проектот ќе влезе во историјата на ументоста и филмот, до тоа дека причината зошто проектот е толку долго активен е што тоа му овозможува на режисерот да живее луксузен и тирански живот, како да е феудален господар на стотици луѓе финансиран од руски олигарх.
А олигархот е познат - бизнисмен по име Сергеј Адониев, кој во 2008 станал бугарски државјанин. Проценките велат дека тој тежи 800 милиони долари кои ги заработил во рускиот телекомуникациски бизнис. Го финансира и рускиот опозицонерски весник Новаја Газета, како и други филантропски и културни каузи. Но Бугарија оваа недела му го одзема државјанството, наводно затоа што пред 20 години бил осуден во САД заради измами.
Кога новинар на Гардијан прави обемна репортажа за контроверзниот проект голем број поранешни учесници не се подготвени да зборуваат со него. А оние кои сепак зборуваат велат дека Кржановски бил „мегаломан“ со многу ограничено филмско знаење кој ги третирал сите како слуги. Самиот негира дека кога и да е некого злоупотребил, а потврдува дека добил великодушна сума пари од неговиот мецена, околу 25 милиони долари. Ова во холивудски рамки и не е некоја голема сума, со оглед на тоа што трошоците во Украина се ниски, а професионалната екипа мала. А за тие пари до сега се направени 13 филмови.
Каде се гледа режисерот по овој проект? Сака да изгради експериментален град со 5000 жители од целиот свет, каде сè ќе се снима и ќе биде транспарентно. Звучи како шала, но знаејќи од кого доаѓа, никогаш не се знае.
Официјалниот сајт на „Дау“