Оваа есен, во тек на еден месец, посетителите на дел од централен Берлин ќе треба да купат виза, и да минат низ контроли, за да можат да влезат во изолирана пешачка зона обиколена со реплика на Берлинскиот ѕид. Организаторите, Берлинер Фестшпиле, ветуваат „специјален искуствен простор“ и „историска ехо-комора“ во област во близина на државната опера, булеварот „Под липите“ и еден канал.
На влезот ќе треба да се предадат мобилните телефони и да се добие специјален апарат кој овозможува „индивидуално прилагодено патување“ низ затворената зона, која ќе биде достапна 24 часа. Внатре ќе продолжи вообичаениот живот, иако улиците, светилките и знаците ќе оддаваат впечаток на посета на странска земја.
Тимот се состои од славните Брајан Ино, Марина Абрамовиќ и Масив Атак, а режисерот Кржановски по овој повод има произведено 13 филмови и кратки видеа со повеќе од 700 часа снимен материјал во тек на три години. Тие се дел од проект започнат во 2009, кога 400 луѓе (келнери, цели семејства, познати уметници, чистачи и Нобеловци) биле замолени да живеат изолирано од модерниот свет во тек на две години, во таканаречениот „Институт“, тајно место во украинскиот град Харкив. Овие филмови ќе бидат прикажани во Берлин под насловот „Слобода“ од 12 октомври, потоа во Париз како „Братство“ и во Лондон како „Единство“.
Репликата на ѕидот ќе биде уништена во спектакуларен стил на крајот на поставката, на 9 ноември, на 29-годишнината од падот на оригиналот.