Даниел Канеман (87) во 2002 доби Нобелова награда за економија, за неговата работа поврзана со психологијата на проценките и донесувањето одлуки. Новата книга, „Шум: грешка во човечкото просудување“, е напишана со уште двајца автори, и ги применува истите идеи од бестселерот „Брзо и бавно размислување“, но не врз поединци туку врз поголеми човечки групи.
Пренесуваме делови од неговото интервју за Гардијан.
За пандемијата и клучниот проблем на неспособноста да се сфати основната идеја на експоненцијалниот раст.
За нас е речиси невозможно да ги разбереме експоненцијалните феномени. Искусни сме во повеќе или помалку линеарен свет. Ако нештата се забрзуваат, тие вообичаено забрзуваат со причина. Експоненцијалната промена, како онаа со ширењето на вирусот, е нешто сосема поинакво. Ние не сме опремени за тоа. Потребно е долго време за да се образува интуицијата.
Што подразбира под „шум“ во насловот на новата книга?
Нашата главна тема е системскиот шум. Тоа не е феномен внатре еден поединец, туку е поврзан со организации или со систем кој би требало да носи одлуки кои се униформни. Тоа е навистина многу различно од субјективност или предрасуда. Мора да анализирате статистички голем број случаи. И тогаш забележувате шум.
Помеѓу опишаните примери на „шум“ се неверојатните варијации во пресуди за исти дела (кои се повлијаени од надворешни елементи како времето, па дури и фудбалски резултати тој викенд), во проценки за осигурување или интервјуа за работни места засновани врз истите основни информации. Изворот на тој шум често е кај „експертите“ кои го прават изборот.
Сепак, ниту еден судија не сака да признае дека алгоритам би бил пофер во донесувањето пресуда.
Судскиот систем, според мене, е специјален, затоа што таму одлучува некој „мудар“ човек. Има и многу шум во медицината, но таму постои објективен критериум на вистина. Луѓето се уште инстинктивно и емотивно повеќе им веруваат на човечките системи отколку на поапстрактни процеси. Ова се отсликува и во односот кон вакцините. Тие се подготвени да преземат помал ризик кога се соочуваат со вакцинација отколку кога се соочуваат со болест. Овој јаз помеѓу природното и вештачкото може да се види насекаде. Делумно се должи на тоа што кога вештачката интелигенција ќе направи грешка, таа делува сосема лудо, речиси злобно.
Поминаа 50 години откако вие и Тверски прв пат почнавте со проучување на овие прашања, би се рекло дека до сега тие требаше да бидат пошироко разбрани.
Кога го почнавме нашето истражување немавме особени очекувања дека ќе го промениме светот. Отрезнувачки е кога ќе помислам колку малку од ова знаење всушност го има променето квалитетот на моето сопствено расудување. Одбегнувањето на шум при правењето проценки не е нешто во што поединците се добри. Мојата верба е кај организациите, ако воопшто може да се има верба.
Има голем број домени каде се потребни диверзитет и креативност. Но исто така има и потреба од униформност и добро дефинирани задачи. Ако напорот да се постигне униформност влијае врз мотивацијата на луѓето, или станува премногу бирократско, тогаш самото може да стане проблем. Тоа е она што организациите ќе мора да го нивелираат.
За опасностите од користењето податоци и вештачка интелигенција за да се замени или подобри човечкото расудување.
Ќе има огромни последици од таа промена која веќе се случува. Некои медицински специјалности се во ризик да бидат заменети, секако во смисла на дијагноза. И има прилично морничави сценарија во врска со раководењето цели организации и цели држави. Ако еднаш се докаже дека вештачката интелигенција има многу подобра моќ на бизнис проценки, што ќе се случи со човечкото раководење?
Никогаш не научив да правам прогнози. Не знам ни дали воопшто можат да се направат. Но едно нешто изгледа прилично извесно, дека овие огромни промени нема да се случат тивко. Ќе има голем раскин. Технологијата се развива рапидно, веројатно експоненцијално. Но луѓето се линеарни. Кога линеарните луѓе се соочени со експоненцијална промена, тие не можат да се прилагодат толку лесно. Така, јасно е дека нешто доаѓа. И јасно е дека AI ќе победи. Како луѓето ќе се прилагодат, тоа е фасцинантен проблем, но со него ќе се занимаваат моите деца и внуци, јас не.