Неодамна на сцената на Македонскиот народен театар се одржа премиера на „Макбет“ според препевот на Богомил Ѓузел од 1971. Во петтата слика на првиот чин, Леди Макбет во својот монолог вели: „О духови вие што демнете/Смртоносни мисли, лишете ме/Од женственост и исполнете ме/Од глава до петици со свирепост“.
Симбол на жена која се бунтува против својот субмисивен статус, таа не е ни од далеку единствен ваков лик во шекспировиот канон. Беатрис во „Многу врева за ништо“; Розалинда во „Како што милувате“; Изабела во „Мерка за мерка“; Кејт во „Кротење на опаката“; Емилија во „Отело“. Сите тие се противат на ограничувањата на својот пол, одбиваат да бидат замолчани од своите сопрузи, храбро ѝ гледаат на смртта во очи, често склопувајќи женски сојузништва. Емилија на пример е бескрајно лојална на својата господарка Дездемона; Паулина би сторила сè за Хермиона во „Зимска сказна“. Дури и кога драмите се повикуваат на историски извори (на пример на Плутарх) тие ги феминизираат, портретирајќи ги легендарните машки ликови низ очите на нивните мајки, жени и љубовници.
„Како тоа Шекспир бил способен да ги види работите од женска позиција, да пишува како да е жена, на начин на кој ниту еден друг автор од тоа време не го правел?“, прашува Тина Пакер, првиот уметнички директор на „Шекспир енд компани“ во својата книга посветена на женските ликови во неговите драми. И оттаму, зошто сите кои се сомневаат во неговото авторство укажуваат на други, машки автори (Кристофер Марлоу, Френсис Бејкон, Едвард де Вер и др), а никому не му текнало дека причината за споменатото може да биде многу едноставна - дека тој навистина бил жена.
Генералното објаснување е дека во ренесансна Англија немало жени кои пишувале за театар, затоа што тоа било против правилата. Соодветни за женски книжевни амбиции биле религиските стихови и преводите. Се прифаќале и драми кои биле читани во тесни кругови. Но сцената била недостижна. Па сепак, истражувачите во последно време имаат откриено дека жените биле вклучени во театарските бизниси како спонзори, акционери, доставувачи на костими и продавачи на билети. Освен тоа, 80% од драмите отпечатени во 1580-тите биле напишани анонимно. И до сега имало еминентни проучувачи на Шекспир кои ја ставиле под сомневање генералната претпоставка дека комерцијалните драми при крајот на 16 и почетокот на 17 век не биле допрени од женска рака. Со ова се согласувала и Вирџинија Вулф, која гледајќи во полиците со англиски драми од спомнатиот историски период, сите напишани од мажи, заклучила дека доколку некоја од нив била напишана од женски Шекспир, таа „сигурно би останала непотпишана“.
Сомнежите дека Шекспир би можел да биде жена се подгреани и од написите на Габриел Харви, познат елизабетански книжевен критичар. Во 1593 тој оставил мистериозна белешка - пофалба на „исклучителна џентл-дама“ која напишала три сонета и комедија. „Не се осмелувам да го детализирам нејзиниот опис“, додал. Тоа е истата година кога името на Шекспир прв пат се појавило отпечатено, на поемата „Венера и Адонис“, скандалозна пародија на машките сказни за заведувањето, во која жената всушност му се нафрла на мажот. Ортодоксните шекспиролози сепак имаат замижано пред оваа коинциденција. Барем до сега.
Во моментов неколкумина нови истражувачи излегуваат со храброто тврдење дека Шекспир сепак бил жена. Една можна кандидатка која можеби се потпишувала со ова име е Мери Сидни, војвотката од Пемброук, една од најобразованите жени на нејзиното време, преведувачка и поетеса и основачка на кружокот Вилтон, книжевен салон кој ја промовирал англиската културна ренесанса. Таа и нејзиниот сопруг биле и патрони на една од првите театарски дружини кои ги изведувале драмите на Шекспир. Дали тоа било само корисна камуфлажа?
Втората, и појака кандидатка, е извесна Емилија Басано. Родена во Лондон во 1569 во семејство на венецијански имигранти - најверојатно Евреи - таа била една од првите жени во Англија која објавила збирка поезија, и тоа феминистичка, иако жанрот, за да биде „дозволен“, бил религиска поезија. Нејзиното постоење било откриено во 1973 од оксфордски историчар, кој сметал дека таа му била љубовница на Вилијам, „темната лејди“ опишана во сонетите. Нова драма на театарот Глоуб од Лондон зборува за оваа жена, но оди и чекор понатаму: Шекспир во неа е плагијатор кој ги користи зборовите на Басано под свое име.
Текст во Атлантик детално ја прикажува биографијата на Басано, наоѓајќи врски помеѓу нејзиното потекло и живот со содржината на Шекспировите драми. Еден од примерите е со повикот во „Венецијанскиот трговец“ за еднаквоста и хуманоста на Евреите, или деловите од Талмудот поврзан со брачните заклетви во „Ноќ спроти Водици“. Други се примерите на жени во несакани бракови на кои се присилени заради стек на околности, а токму таков бил и бракот на Басано со дворски музичар, со кого била омажена за да се прикрие нејзина врска со 43 години постар аристократ со кого останала трудна. Во „Кротење на опаката“ човек по име Алфонсо (како што се викал мажот на Басано) се обидува да ги омажи своите три ќерки, Емилија, Кејт и Филема. Во подоцнежните верзии името на Емилија го нема, а таткото сега се вика Батиста (името на таткото на Басано).
„Секогаш мислев дека има нешто италијанско, нешто еврејско во врска со Шекспир“ изјавил Борхес за Париз ривју во 1966. „Можеби затоа Англичаните толку го сакаат, затоа што толку не личи на нив“. Борхес не спомнал ништо околу „женскоста“ на бардот, но можноста останува отворена. И ако драмите се читаат или гледаат од ваква перспектива, многу нешта некако делуваат (по)логично. Како повикот на леди Макбет духовите да ја лишат од женственост, онаква каква што можеби ја красела нејзината креаторка.
Види претходно: Осврт за „Арогантна чавка“, хумористична серија за Шекспир, во која најдобрите идеи му ги дава жена му (сега со 4 сезони)