Дали родителството те прави среќен?

Нова книга на канадско-американскиот психолог Пол Блум, која излезе вчера, 2.11, тврди нешто што изгледа како парадокс - дека вистинскиот вид страдање го отвора патот до среќата. Болката може да нè дефокусира од нашите стравови и да ни помогне да се надминеме себеси. Едно од поглавјата се однесува на родителството, како на извор и на болка, и на исполнетост.

Денес, изборот да се има дете или не делува како еден од најзначајните кои би можел човек да ги направи. Доколку приоритет е личната среќа, тогаш (така велат истражувањата), подобро е да не се стане родител. Сепак, важно е кој сте и каде живеете. Но според нова книга на психологот Пол Блум, клучно е едно друго прашање: кои предности на имањето деца се различни и подлабоки од тоа да се биде (просто) среќен?

Грижата за потомството, особено кога децата се мали, вклучува финансиски предизвици, неспиење, стравови, стрес. За мајките тоа подразбира и физички промени и здравствени ризици. Што се однесува до партнерствата, децата можат да претворат весела и романтична врска во битка за тоа кој ќе спие некој час повеќе и ќе биде во можност да работи, а кој не. Повеќе од пари, блиски роднини, лични навики, хобија, секс и пријатели, токму децата се најчеста тема за домашни кавги. Лесно е да се заклучи дека нивното присуство унесреќува. 

Но подетални истражувања покажуваат дека тоа дали родителот е среќен или не зависи од повеќе елементи. На пример татковците на возраст од 26-62 години всушност драстично го зголемуваат нивото на среќа, додека кај млади или самохрани родители тенденцијата е сосема обратна. Клучни се и географските разлики. Нивото на среќа со или без деца во 22 земји според истражување од 2016 зависи од тоа дали земјата во којашто живеат родителите има добри политики за детска грижа, и платено „породилно“. На пример родителите од Норвешка и Унгарија се посреќни отколку бездетните парови во овие земји, но оние од Австралија или Велика Британија се помалку среќни од оние кои немаат деца во истите држави. Земјата каде што има нагло опаѓање на чувството на среќа откако ќе се добијат деца е - САД.

Но како тоа луѓето кои имале посреќни животи и бракови пред да имаат деца, а потоа сепак го опишуваат родителството како „најдоброто нешто кое го направиле“?

Една можност е тн. дисторзија на меморијата. Кога мислиме на нашите минати искуства најчесто се сеќаваме на врвовите на задоволство, а ги забораваме досадните или болните делови. На пократки стази, потребно ни е време за шопинг, одговарање мејлови или просто релаксирање и би сакале ова да го правиме повеќе отколку само да се грижиме за нашите деца. Но она на што се сеќаваме долгорочно е колку родителството нè исполнило и нè изградило како личности и какво влијание има тоа врз пошироката нарација на нашите животи. 

Вториот аспект е нешто што нема голема врска со среќата како таква, туку со формирањето трајни врски. Приврзаноста која ја имаме кон друго човечко суштество може да предизвика генерално опаѓање на квалитетот на нашиот живот доколку нештата ги гледаме само низ призмата на личната благосостојба. Но има и нешто повеќе во животот од „среќа“, а тоа е некаква цел и смисла. Родителите чувствуваат дека нивните животи имаат повеќе значење иако сметаат дека животот им е помалку среќен отколку кога не би имале деца. Колку и да звучи парадоксално, ова може да го потврди речиси секој родител.

Одгледувањето дете оттаму нема директна врска со задоволството но може да се поврзе со други аспекти на животот - задоволување на нашата потреба за приврзаност, за цел и смисла. „Боли онолку колку што вреди“, вели писателот Џулијан Барнс за „математиката“ на тагата. Така, и сето она што го искусуваат родителите како страв, неизвесност, фрустрација или очај всушност само зборува за вредноста на она за кое се чувствуваат така. 

извор

3 ноември 2021 - 14:26