„Пријателите ми заминаа и косата ми побеле", така почнува „Кула на песната" на Коен, која, фала на прашање, исто така речиси секојдневно ја слушаме во две-три верзии. Во неа тој зборува за тоа како е затворен, не по своја волја, во метафоричен дом за остарени музичари, кои популарната музика (освен ако не си Кит Ричардс), ги отпишува од живите многу пред тие реално да починат.
Целната група на поп музиката е младата публика, и таа сака да гледа исти такви млади изведувачи, кои пеат за добрите, понекогаш и за лошите страни на младоста, но без да потсетуваат на тоа што доаѓа по неа - староста и смртта. Така, песната на Ед Ширан, „Мислејќи гласно", во која се вели дека „ќе те сакам дур наполниме 70" ним може да им звучи како ветување дека некој некого ќе сака до крајот на животот. Ние пак бурно реагираме - само до 70?!
Нова студија објавена во Journal of Advanced Nursing, која ги истражувала зборовите во врска со стараеењето употребени во песни од 1930 го потврдува ова: „Идентитетот поврзан со староста асоцира на засрамувачко физичко опаѓање и непривлечност, како во песната Кога ќе имам 64 од Битлси (чијшто „петти член", патем, почина денес на 90), а кај оние што ја слушаат можат да го убрзаат стареењето под влијание на ваквите стихови". Oттаму, пуштањето на „Мојот пат" на Синатра во старечки домови се смета за крајно ризично.
Ама да не биле и истражувачиве малку наапани на староста? Слушнете ја оваа супер симпатична изведба на песната од хор составен од луѓе од кои повеќето ја имаат и надминато оваа возраст.
„Кога ќе остарам, кога по многу години ќе ми падне косата/дали ќе ми праќаш подарок за Валентајн, роденденски честитки/шише вино?". Нам ова не ни звучи ко страв и ужас, туку само како желба за приврзаност која нема да зависи од бројот на години и од способноста да се направи шпага.
Оттаму, како и за сè друго, значењето на стиховите во оваа и во која и да е друга песна за староста е во ушите на слушателот. Нивното толкување зависи од сопствениот однос кон староста и смртта, возраста и животната ситуација во која тие се слушаат. Секако, помага и смисолот за хумор и чувството за иронија. Како во завршницата на спомната песна на Коен, според која и по смртта нема да се отарасиме од неговиот глас - You'll be hearing from me baby, long after I'm gone.