Онаа старата дека „сликата вреди илјада зборови“ не стои кога таа - сликата - не додава ама баш никаква вредност на текстот, туку е ставена само колку тоа поле на сајтот да не стои празно, па така да предизвика космички онлајн дисбаланс.
Како и со голем број други проблеми, социјалните мрежи во голема мерка се виновни и за ова. Како што пишува коментатор на The Outline, до средината на 2000-тите сајт на одреден весник или списание имаше доминантна улога во привлекувањето на луѓето да прочитаат поединечни статии. Оттаму, сајтовите за вести главно ги имитираа насловните на весниците, и исто како и на нив имаа слики само главните стории, што често подразбираше инвестиција во оригинални фотографии или уметнички илустрации. Другите стории заслужуваа само наслов. Со текот на времето бесконечниот простор наинтернет ги намали стандардите според кои на статиите им треба илустрација, но сепак не секој текст ја заслужуваше.
Ова го прекинаа Фејсбук и Твитер. Сега, кога корисник споделува статија, со линкот се појавува мала слика заедно со краткиот текстуален преглед. Ако статијата не содржи слика, социјалните мрежи наместо неа ќе стават што и да е, неповрзана фотографија од истиот сајт или само логото. Ако не може да најде баш никаква слика, тогаш ќе биде прикажан само насловот. Ама бидејќи сајтовите стравуваат дека вака ќе делуваат непрофесионално, досадно или неатрактивно, ставаат слики на сè.
И така последниве година и кусур се изнагледавме слики од Трамп на секоја статија во која се спомнува, а притоа тој ниту смени стил на облекување, ниту стана поубав. Ако еднаш видиш некоја славна личност, знаеш како изгледа, и нема потреба постојано да ги потсетуваш луѓето на тоа, особено ако нивниот изглед не ја продава веста (како на пример последниве поврзани со Харви Вајнстајн). Ставањето пак на генерички фотографии на статии знае да биде уште поглупо - текстот е пример за мобилни телефони, а ти статијата ја илустрираш со - та-нааа! - слика од мобилен! Па како ти текна?
На возрасни луѓе не им се (или барем не би требало да им се) потребни слики за да читаат. Само, работата е кој е тој сајт-јунак што во вакви околности, со веќе длабоко вкоренета навика нешто да светка и да шара по екранот, ќе се осмели да си ги самоукине сликите во случај кога тие не се релевантни за текстот. Ова нека е наш мал прилог, кој тука и ќе заврши.