Во научниот свет не е секогаш најважно да си во право, и твојата теорија да држи. Доколку нема некој што би те поддржал - финансиски, идејно, човечки - тогаш сето претходно може да е залудно. Кога Ајнштајн ја формулирал својата теорија на релативност во 1915, немало многумина кои можеле да ја разберат математиката зад неа, и да ја проценат нејзината важност. Но еден британски професор и член на Кралското астрономско здружение, Артур Стенли Едингтон, му помогнал на Ајнштајн да ги претстави своите идеи вон границите на Германија, која тогаш била во немилост поради блокадите за време на Првата светска војна.
Тие не се допишувале ниту пак се сретнале во текот на војната, туку заеднички пријател во неутралната Холандија одлучил да ги поврзе, и на тој начин да отвори пат за новата теорија во Британија. Едингтон во тоа време бил професор на Кембриџ, и тој не само што ја разбирал теоријата, туку како пацифист и социјалист бил еден од ретките британски научници на кои не им било важно што нејзин автор е Германец. Ајнштајн всушност бил совршениот симбол за научниот интернационализам и рушењето на границите во научна смисла, нешто за што Едингтон страсно се залагал.
Сепак, не било лесно да се убеди академската јавност и публиката дека прашањата во врска со време-просторот и гравитацијата заслужуваат внимание додека истовремено згаснувале млади животи во бесмислени битки. На Едингтон му била потребна дефинитивна демонстрација на тоа дека Ајнштајн е во право. Најдобрата опција му била да тестира едно необично предвидување кое го подразбира Ајнштајновата општа теорија на генерална релативност - дека кога светлината поминува близу до големо небесно тело како сонцето, гравитацијата доведува до тоа зраците благо да скршнуваат. Тоа би значело дека сликата на далечната ѕвезда би била исто така малку искривена, доволно за таа да изгледа дека се наоѓа на друго место.
Ајнштајн предвидел специфичен број за таквото искривување (1.7 лачни секунди - дел од степенот/мерка за агол, или 1/60 милиметри на фотографија). За жал, вообичаено не е можно да се видат ѕвезди во текот на денот, па доколку се сакало да се потврди ова, требало да се чека на тотално затемнување на сонцето.
Таков момент за среќа се случил, во мај 1919, кога еклипсата била видлива на јужната хемисфера, одличен момент за Едингтон да го тестира предвидувањето. Додуша, тоа воопшто не било лесно. Биле потребни многу пари, но за работите да бидат уште покомплицирани, на Едингтон му се заканувал и затвор, затоа што како верник - квекер одбивал да носи оружје и да биде регрутиран. За ова следела казна, или затвор или тешка физичка работа. Во еден момент навистина бил уапсен, но во последен момент бил ослободен но под еден услов - да ја изврши експедицијата за тестирање на Ајнштајновата теорија.
Прекинот на вооружените судири од ноември 1918 помогнал во организирање на проектот. Медиумите биле полни со вести за „епската битка“ која требала да го одреди „победникот“ - Британецот Њутн или „некој си“ Германец Ајнштајн. Овој пак, обидувајќи се да преживее во Берлин, не знаел речиси ништо за напорите на неговите колеги.
За набљудување на помрачувањето биле испратени два тима - еден во Бразил и друг, раководен од Едингтон, на остров во западна Африка. На 29 мај 1919 - пред 100 години - астрономите шест минути го набљудувале замраченото небо за да ги забележат и најмалите промени. Тие користеле тн. „компаратор“, апарат за мерење на промените на позицијата на ѕвездите, кои се гледаат на телескопски стаклени плочки со помош на подвижен микроскоп (фото горе). Иако времето било лошо, опремата се расипувала и парните бродови штрајкувале, експедицијата сепак донела слики кои ја потврдиле теоријата - ѕвездите биле благо поместени заради гравитацијата на Сонцето.
Едингтон го нарекол ова најзначајниот момент од својот живот. Ги претставил резултатите во Кралското здружение, на средба на која вриело не само од научници, туку и од новинари кои ова го пренесувале како да е спортски натпревар. Така, речиси преку ноќ, Ајнштајн од опскурен научник станал „пророк“ за кого сите сакале да дознаат нешто повеќе. Едингтон пак станал главниот „апостол“ на релативноста во англиското говорно подрачје.
Ајнштајн слушнал за резултатите преку телеграма испратена од Холандија, но едвај можел да стане од кревет, болен и прегладнет. Едингтон до крајот на животот останал негов најголем сојузник, иако тие физички се сретнале дури по неколку години. Нивната соработка била од суштинско значење не само за раѓањето на модерната физика, туку и за опстанокот на меѓународната научна заедница во најмрачните денови на Првата светска војна.