„Среден пол“ (Middlesex) на Џефри Еугенидес е објавена во 2002. Но единственото нешто во неа што асоцира на нејзината современост е спомнувањето на кулите-близначки на последните страници. Дури и однапред да знаете дека се работи за автор роден 1960 (не сосема млад, но сепак се уште жив) тоа после десетина страници некако го подзаборавате. Затоа што Еугенидес пишува со тон, авторитет и пред сè со смиреност сосема некарактеристична за повеќето автори од неговата и од помладата генерација. Темпото е старовремско, како движење на прекуокеански брод од Европа кон Америка, со кој во новата татковина пристигнуваат бабата и дедото на главниот лик - Калиопе, односно Кал.
Роман за растењето, семејна сага, книгата паралелно следи неколку нишки - приказната на три генерации од грчкото семејство Стефанидес, доселено од Смирна во индустрискиот Детроит во 1922, искуствата на Кал(иопе) со нејзината интерсексуалност од родово неоформен фетус преку витка и срамежлива девојка до возрасен маж, но и најзначајните историски настани на 20 век кои се вкрстуваат со судбините на главните ликови.
На макро план, главни теми се дискусијата за доминацијата на природата односно на културата во дефинирање на родовиот идентитет, но и хибридизацијата на културите, преку која грчкото во ликовите се меша со она американското, за дури и кај помладите генерации да застане некаде на средина. „Среден пол“ оттаму не се однесува исклучиво на сексуалноста, туку и на средината како флуиден „топос“. Посакувана како разрешница на тензиите помеѓу лево и десно, машко и женско, Грк или Американец, средината e всушност утописка замисла која никогаш до крај не се стабилизира, како јазиче на вагата кое постојано трепери без да го најде својот мир.
Романот е добитник на Пулицер и е светски бестселер, преведен на 34 јазици, продаден во три милиони копии. Еугенидес, чиј претходен роман „Убиство на девиците“ исто така доживеа голем успех, особено откако е филмуван од Софија Копола, самиот не е интерсексуален, но девет години ја проучувал оваа состојба, читајќи медицинска и сексолошка литература. Неговиот главен лик, Кал(иопе) своите амбивалентни гениталии и исти такви чувства ги должи на рецесивен ген, кој се пренесува низ генерации во нејзиното/неговото семејство, а е карактеристичен за средини во кои инцестот и ендогамијата (мажењето меѓу припадници на една иста заедница) била честа појава, токму како што е опишан животот во селото близу Смирна од каде потекнуваат нејзините баба и дедо, кои и самите се родени брат и сестра.
Растена како девојче, таа забележува дека нешто анатомски и психолошки не е во ред со неа дури на 14 години. Откако докторите ѝ нудат операција за целосно „оженственување“ таа бега од дома и целосно го менува изгледот и однесувањето. По голем број перипетии кои вклучуваат нејзини/негови настапи во секси барови како хермафродитска атракција, конечно го прифаќа машкиот идентитет.
Книгата е опишана како „виртуозна комбинација на елегија, социо-историска студија и живописна авантура“. На крајот и не е важно кој е нејзиниот „вистински“ жанр. И таа, како и средниот пол којшто го опишува, не припаѓа целосно во ниту еден калап. Она што е сигурно е дека е напишана во традицијата на големите романи, од кои речиси се одвикнавме, сè додека не наидовме на овој, објавен на македонски (во одличниот превод на Катица Гароска-Ацеска) во едицијата Ѕвезди на светската книжевност. А Еугенидес е навистина сјајна книжевна ѕвезда.
***
ПС. Патемен извадок: „Повеќето неуспешни поети слободното време го минуваат во книжарницата Сити Лајтс. Носат пантолани во риги, дречливи кравати, бакенбарди, козји брадички. Најчесто личат на Том Веитс, или можеби обратно“.
И како после да не ти се допаѓа книгата:)