Еден од настаните на неодамна завршениот фестивал на музички документарци Skopje Cinema City беше промоцијата на „Музика и муабети“ на Ненад Георгиевски, кој самиот се опишува како страстен колекционер на книги и музика, долгогодишен музички новинар кој слуша со „уши широко отворени“ и го користи медиумот на музиката за да се сретне со неверојатни луѓе и со нивната уметност.
Книгата претставува избор од интервјуа кои тој до сега ги има направено со некои од нив. Како што вели Влатко Стефановски, еден од интервјуираните, во предговорот кон книгата, среќа е и привилегија тие да ти дозволат да „ѕирнеш зад завесата“ и да ти откријат нешто за нивниот креативен процес, начин на размислување и доживување на музиката и светот. А Ненад ја имал таа среќа со куп значајни имиња од современата музика - Дејвид Брн, Дејвид Силвијан, Раби Абу Калил, Пет Метини, но и такви за кои можеби прв пат ќе слушнете од неговите текстови.
Она што е заедничко за сите направени интервјуа е големата почит на Ненад кон уметниците, без оглед колку се тие извикани, комерцијално големи или мали, како и неговата подготвеност да постави информирани прашања, во кои не спаѓаат такви од типот „кои се вашите идни планови?“ и „а иначе?“. Истовремено, тривија од приватните животи на интервјуираните воопшто нема, туку муабетите од насловот на книгата се фокусираат токму на она што е најважно - уметноста, без оглед дали се работи за музичката или за некоја која се допира со неа (како во случајот со дизајнерот и видеоуметник Расел Милс кој има работено со Мајлс Дејвис, Брајан Ино и многу други). Накратко - Ненад ја сфаќа својата работа темелно и сериозно, а со оглед на реткоста на овој потфат во која и да е област кај нас, тоа не може да остане неодбележано (иако не секогаш и локално забележано и вреднувано).
Оние кои известија за излегувањето на книгата деновиве разбирливо се фокусираа на позвучните имиња во неа како оние погоре споменатите. Но во книгата има и скришни „бисерчиња“ со имиња кои на прво слушање можеби и не звучат познато, но на второ, кога ќе се разјасни контекстот на нивното делување (секогаш убаво објаснет во воведот пред интервјуто) веќе стануваат интересни. Такви се на пример три (од повеќе) жени-музичарки во книгата. Првата е Елени Караиндру, грчката композиторка која најчесто ја поврзуваат со режисерот Тео Ангелопулос (за неговиот „Погледот на Одисеј“ пишувавме тука) со кого соработката трае повеќе од 20 години. Таа во интервјуто го објаснува влијанието на византиската музика во правењето на музиката за спомнатиот филм но и генерално во нејзините дела со тоа што како дете во селото кадешто била родена постојано слушала вакви пеења од локалната црква. Втора е Шерон Робинсон, меѓу ретките долгогодишни соработници на Леонард Коен, која стои зад продукцијата и дел од материјалот на три негови албуми, и која во интервјуто емотивно зборува за нејзината врска со Коен. А третата е Тереза Салгеиро, некогашната вокалистка на Мадредеуш, во контекст на нејзината соло кариера и причините зошто заминала од групата.
Ова се само неколку примери од големиот опсег уметници кои припаѓаат на различни жанрови, вклучени во книгата. Она што е многу коректно е што страница до страница во неа големите светски имиња се наоѓаат до македонските изведувачи, како Влатко, Кирил, Вера и Џијан. Ако може воопшто да се упати некоја замерка е што интервјуата не се датирани, иако во голем број од нив се наведуваат околностите во кои се правени или тоа станува јасно од контекстот. Но сепак најбитни се муабетите, и секако - музиката.
Teкстовите на Ненад на All About Jazz