Од кафаната кадешто обично одиме на топено сирење на Широк сокак пред неколку дена случајно бевме сведоци на поставувањето камен-темелник на некогашното кино Корзо на браќата Манаки, кое изгорело во пожар во 1939. Вечерта имаше страшно невреме, па во недостаток на друга забава конечно го пуштив филмот кој одамна го одложувам, пред сè заради тоа што трае скоро три часа. И - оп! - прва сцена, филмот за баба Деспина токму на браќата Манаки.
Харви Кајтел во филмот е американски режисер со грчко потекло под име „А" (Ангелопулос?) кој по 35 години се враќа во татковината. Опсесијата, која како митскиот Одисеј го влече назад, се три исто така митски ролни филм, на првите сниматели на Балканот, кои никогаш не биле развиени, а кои според него ја содржат првата, примордијалната снимка на светот, онаа направена пред тој да ја загуби својата невиност, и да стане грд и неподнослив.
Но враќањето во Грција е само почеток на долгото патување, кое води преку Албанија, „Скопје" (во кое спаѓаат Монастири/Битола, и градот Скопје, додуша изговорено само на неговата железничка станица низ кој поминува возот на А), Букурешт, Белград и Сараево. Во некои од овие места режисерот евоцира спомени од своето детство, во други се враќа назад во минатото за да евоцира историски настани кои се одвивале во текот на истиот тој век кога живееле и работеле Милтон и Јанаки, главно војни, глад, сиромаштија и бесмислени истребувања.
(Харви на улиците на Битола)
Да се разбереме, тие во ниту еден момент не се портретирани како Македонци, ниту пак како Власи. Родени во Авдела, Грција, тие не можат да бидат ништо друго освен - Грци, и како први сниматели на Балканот, и први грчки кинематографи. Ова освен патриотска реакција поттикнува и дополнителен благ гнев, со оглед на тоа што поентата на филмов е, наводно, да зборува токму против сите зла на војните и национализмите. Едно такво зло, впрочем, доживеал и самиот Ангелопулос како дете, кога за време на Граѓанската војна неговиот татко бил земен како заложник, и вратен кога тој имал 9 години (мотив кој го има и во филмот).
Но ова не е единствената причина зошто да не се мачите да го гледате филмот. Инаку сјајниот Кајтел од неразбирливи причини тука е постојано стегнат, неубедливо звучи на грчки, од петни жили се обидува и самиот да „влезе" во приказната, но таа е толку обземена од сопствената епичност, што и Харви и вие сте загубени во неа после првиот час. Не дека нема забележливи сцени (огромен споменик на Ленин на брод, кој плови по река, каде ли и зошто?), или дека нема фина музика. Но можеби и не е чудно што истата година кога овој филм доби (само) специјална награда од жирото во Кан, Златната палма ја доби Кустурица со „Подземје". Вториов, иако траеше исто така три часа и зборуваше за војни, барем имаше зрнце хумор и автоиронија - поглед кој „Погледот на Одисеј" во ниту еден момент не го вперува критички кон себе. На крај мислам, да - мислам, дека „А" ги најде трите ролни, но очигледно катарзата го промашува тајмингот, штом не сум сигурна.
Штета што Ангелопулос загина во сообраќајка пред една година, и самиот оставајќи незавршена „ролна" - умре среде снимање на нов филм, „Другото море" - инаку можевме да го поканиме на отварањето на киното Корзо, ако до тоа дојде. И да му објасниме дека Монастири е Битола, Македонија земја која граничи со Грција, Скопје нејзин главен град, а браќата Манаки нејзино национално богатство.