
Шестмина астронаути од Јапонија, Велика Британија, САД, Италија и Русија во тек на 24 часа орбитираат околу Земјата во вселенска станица. Секое поглавје покрива 90-минутна орбита, со 16 кружења во 24 часа.
Романот со ваква едноставна премиса ја доби Букеровата награда во 2024 и се најде во најтесен избор за уште неколку награди. Авторката, Саманта Харви, добила инспирација за него кога следела пренос во живо од истата таа станица којашто самата ја опишува. Нејзината цел била да напише „вселенска пасторала“, во која ликовите размислуваат за иднината на човештвото или за постоењето на Бог додека висат во своите вреќи за спиење во безгравитацискиот простор на станицата, гледајќи како над Земјата (и над нивната конкретна земја) изгрева и заоѓа сонцето, беснеат тајфуни или паѓа мрак, кога се видливи само најосветлените точки - големите градови со вештачка светлина.
На членовите на екипажот, две жени и четворица мажи, им недостасуваат семејствата, саканите, но и обичните нешта, како есенски лисја, зацрвенети прсти од студ, изненаден зајак, човек што трча до тебе. Наместо во малите, тие имаат увид во големите нешта и во физичка и во духовна смисла. Арктикот со боја на лаванда, источниот крак на Русија, бури кои се засилуваат над Пацификот, пустините на Чад, јужна Русија и Монголија и...пак Тихиот океан и по кој знае кој пат истиот круг, додека човештвото ги води своите секојдневни, и од оваа перспектива, ефемерни битки. Всушност, не многу различни од оние на самите астронаути, кои мораат да внимаваат на растот на експерименталните зелки или да го набљудуваат однесувањето на микробите во вселената.
Книгата балансира на тенката линија помеѓу поетичното и „лигавото“, но и со по некој откачен опис како: „Сончевата светлина oтскокнува од млечната прекривка на облаците и земјата добива морничав бисерен сјај на око полно катаракти“. Ликовите се еднодимензионални, главно опседнати со едно нешто (смрт на мајката, далечен спомен од годишен одмор со семејството) а мултикултурните разлики главно сведени на оската Русија-остатокот од светот, отсликано преку правилото за користење на ВЦ-ињата - руското само за Руси, она на САД за Американци, Европејци и Јапонци. Истото важи и за точаците за фитнес и храната. Националноста има врска и во навидум наднационалната вселена. Не баш пасторална слика за човештвото или за барем значаен дел од него.
Сепак, некако разбираме зошто едно жири за престижната Букерова награда би се одлучило за оваа книга. Таа овозможува барем за момент да се откачиме од злата на планетава и, исто како и Шон, Пјетро, Антон, Роман, Чие и Нил, да ѝ се восхитуваме од далеку. Предвидливоста на орбитирањето наспроти непредвидливоста на животот рибар на Филипините, кое најверојатно ќе настрада од темните облаци што се надвиснуваат над неговиот мал остров. Сите ние сме тој рибар, во орбитата на нашите мали животи.
Илина, Букбокс