„Кое и да е филозофско објаснување на Квалитетот ќе биде и лажно и вистинито, токму затоа што е филозофско објаснување - аналитички процес, на разбивање на нешто на субјекти и објекти. Она што јас би го подразбирал под зборот „квалитет“ не може да се разбие на субјекти и објекти. Не затоа што Квалитетот е толку таинствен, туку затоа што е толку едноставен, непосреден и директен (...) Мое лично чувство е дека понатамошното подобрување на светот ќе се случува на следниов начин: поединците ќе носат квалитетни одлуки. И тоа е сè. Не можам веќе да им се воодушевувам на големите програми за општествено планирање, наменети за големи маси народ, кои го изоставуваат поединечниот квалитет. Нив можеме да ги заборавиме некое време. За нив има место, но тие мораат да бидат изградени врз темелите на квалитетот кој постои внатре поединците на кои им се наменети.“
Вака пишуваше Роберт Пирсиг во „Зен и уметност на поправање мотори“ во 1970-тите, прогласувајќи го тој недофатлив и тешко срочлив концепт на Квалитет за врвен етички и естетски принцип. Не таков во кој колективно и само формално се колнеме, туку за чија кауза поединечно напорно работиме и се жртвуваме, секој со својата нафака и памет, така учествувајќи во градењето на големиот и интуитивно лесно препознатливиот Квалитет, кој не може да се сведе на ИСО стандарди и „бенчмаркови“.
Патот на Пирсиг до сознанието за Квалитетот не бил лесен - од себеиспитување, расцеп со околината, тежок нервен слом, до исцелувачко патување низ Америка на мотор. Како што во „Моби Дик“ капетан Фалек му ја испитува подготвеноста на Исмаил, кога овој сака да се качи на бродот и да тргне на опасно патешествие, со доза на предупредување: „Не можеш ли откај што стоиш да му се изнагледаш на светот?“ Со други зборови, што ќе ти е да видиш, да знаеш, да појмиш - можеби ќе пострадаш, може нема да ти се допадне?
Одамна, поточно од дамнешното читање и преведување на спомнатата „Зен...“, не се бев нурнала во нечие книжевно патешествие до Квалитет-от, кое ги надминува своите книшки рамки и станува истовремена интимна повест, подвиг и житие. Случајот со македонскиот превод на „Моби Дик“ ги содржи сите овие елементи, како дваж испреплетени конопни жили и тетиви, паралелно раскажувајќи за две пловидби - писателската на Мелвил и, 163 години подоцна, онаа преведувачката на Огнен Чемерски.
„Внурнав во извадоците и видов раскошен јазик, распнат од небесни височини до подморски длабочини, еднаш ѕвонлив, другпат татнежен; читав слова од разигран словотворец, но и ко враг се мачев да разберам што читам. Отпрвин четивото ми врвеше бавно, ме болеа лактите и рамениците во тој грч од полу прилегнатост, прстот ми трпнеше од барање по речници и вртење Библија, зашто дури надвор ревеше ветрот а лапавицата ги пецкаше прозорските окна, пред очи во умот ми киптеше писмо од речит раскажувач кој низ перо истурил жизнени беседи и повести дотечени од распламтен ум, од многу книжевност и ученост.“
Вака пишува преведувачот во своите „Поморски патешествија и необичните приклученија на извесен Огнен Чемерски“, раскажувајќи ја својата прва средба со тој кит од дело, една од оние книги од историјата на светската книжевност за која многумина зборуваат а малкумина ја имаат прочитано, а во кои до скоро се вбројував и самата, од слични причини на врашка мачност да се разбере стариот англиски, дополнително усложнет од густите ткаења на Мелвиловата мисла.
Но Огнен не сакал од местото на кое безбедно стоел да му се изнагледа на светот. Тргнал на пловидба закрилен од Словородица, која вродила со таков преведувачко-авторски Квалитет, кој како велриба ќе треба да биде „ловен“ од следните преведувачки поколенија, не во крвав бој, туку во заедничка љубов кон јазикот, македонскиот, но и јазикот воопшто, оној кој раскажува сказни, кој кори и утешува, кој во однос на чистото духовно е само некој вид телесност, но без кого не би можеле да ја знаеме разликата помеѓу двете.
Што направил толку храбро и одважно Огнен? Влечел мрежи и влакови по стари дебели книги, фаќал зборови во книжиња по крајбрежни далјани, отварал поморјански и етимолошки речници, двесте години стари словари и тријазичници на разни словенски јазици, иштавел информации од живи луѓе, капидани и рибари, занаетчии. Оживувал зборови, ковал кованици, ткаел изрази, правел глаголи од именки и придавки од прилози, консултирал побратими по дух и јазик, нуркал, нуркал без да земе здив до најдлабокото длабоко, воскреснувајќи тивко житие во секој збор, оживувајќи ги како укор на душманите-словогубници.
„Хмурност“ и „хулност“, „кругоодно сонце“, „валобран“ (насип од камења против налети на бранови; парапет), „стремежливост“ (наместо мотивација), „воцели“ (станува цело, се обединува), „осојничав“ (наместо нерасположен). Ова се само дел од зборовите кои ги научивме од Огнен, но не употребени само за текстот на сила да добие на архаичност, туку за да му парира на Мелвила во раскошноста, со понекогаш детални образложенија во фуснота за преведувачкото решение и мотивацијата за истото.
Можеби најдобро преведувачката постапка би можела да дојде до израз преку споредба, на преводот на Огнен со оној на Свето Серафимов од 1986, во издание на Мисла. Забележете го транскрибирањето на имињата, како и вкупниот впечаток:
Преводот на Свето Серафимов:
„Зборуваш со капетанот Пилег - ете со кого зборуваш млад човеку. Мене и на капетанот Билдад ни е должност да се погрижиме Пиквод да се подготви за патувањето и да биде снабден со се што му е потребно, вклучувајќи го и екипажот. Ние сме делумно сопственици и агенти. Но, како што сакав да речам, ако сакаш да дознаеш што е тоа лов на китови, како што велиш дека сакаш, можам да те упатам да го дознаеш тоа пред да се обврзеш, па да нема потоа повлекување. Загледај го добро капетанот Ахаб, млад човеку, па ќе видиш дека тој има само една нога.
Што сакате да речете со тоа, господине? Дали другата ја изгубил од кит?
Ја изгубил од кит! Млад човеку, дојди поблиску до мене: му ја гризна, му ја изџвака, му ја искрцка најчудовишниот спермацет што некогаш гризнал некој чамец. Ах, ох!
Бев малку исплашен од таа енергија, а можеби и малку трогнат од тоа жалење отсрце во неговиот заклучен извик, но реков колку што можев поладнокрвно...“
Преводот на Огнен:
„Разговараш со капидан Фалек; ете со кого разговараш, синко. Јас и капидан Вилдад тука водиме сметка Пиквод да биде пловоспособен и сите требувања да му се намират, сосе посада. Бродостопани сме и деловодители. Но, зборот ми беше дека штом иштавиш да дознаеш нешто за китиловот, ко што велиш дека иштавиш, ќе ти раскажам нешто, па да си научиш пред да се ветиш, додека уште има назад. Фрли поглед на капидан Ахава, момче, и ќе видиш дека има само една нога.
А што? Другата од кит му пострадала?
Дали му пострадала од кит? Ела си тука до мене близу, момче: му ја откорнал, му ја изел, му ја изџвакал, му ја здробил најчудовишнниот пармацет што некогаш разбивал кајци! О, авај!
Малку ме вознемири тој беседен жар, а може и малку ме трогна искрено воздивнатата скрб, но колку што можев помирно му реков...“
Но настрана лексиката, морфологијата, зборообразувањето, стилските фигури и едначењето по звучност. Читањето на книгата и на македонски е повторно мачно, од сосема други причини. Како што наближува средбата на Ахав со белиот кит и навестувањето на страшната судба на посадата на Пиквод, така човек не може а да не ги поврзе обете со прераното, трагично заминување на Огнен. Така, прокобно, звучат и голем број цитати и пасуси:
„Благороден брод но некако крајно сетен! Секоја благородна ствар допрена е од сета.“
„Зашто, освен ако не ви е усвоено градивото за китот, за Вистината сте само сентименталец и провинциско чедо. Но чистата Вистина е ствар што може да ја сретне само џиновски дождалец.“
(* дождалец или саламандер е суштество кои живее во оган, огнено битие).
и, особено:
„Малите градби може да ги завршат првобитните нивни неимари: на великите зданија, на оние вистинските, последниот камен секогаш останува за поколенија. Не дај Боже некогаш да завршам нешто. Целава книга е само нацрт - не, нацрт за нацрт е.“
Пред да замине, Огнен заврши голема градба. Следните неимари можат да учат од големиот мајстор. А за оние кои претендираат дека го познаваат македонскиот јазик или се жалат дека тој не можел да долови доволно нијанси и длабоки мисли, нека им биде ова обврзна лектира, без која нема да им се важи описменетоста на мајчин јазик.
Огнен, извини што не ја прочитав на време, туку ја почнав на годишнината на твојата смрт. Фенерот на Пиквод сепак се наѕира и од далеку, од безбедното копно од кое ти мавтаме.
Илина, Букбокс
Претходно: Манифестот кој треба(ше) да се случи
„Зен и уметност на поправање мотори“ на Роберт Пирсиг (македонски превод) за слободно симнување тука