Sideways Dictionary, развиен од Гугл во соработка со Вашингтон пост, им помага на технолошки поглупите да ги разберат најважните термини, и тоа не само заради „општа култура“, туку и заради сопствена заштита од некои од технолошките зулуми. На пример, не можеш да се одбраниш од „фишинг“ (крадење податоци онлајн) ако не ни знаеш што е тоа.
Засега речникот функционира како засебен сајт кој беше пуштен пред десетина дена, но Вашингтон пост наскоро ќе го интегрира во сите свои статии, на тој начин што клучните зборови кои се однесуваат на оваа тема ќе бидат означени со линк до речникот.
Она што го прави различен од други, „обични“ речници на поими, е што во овој работите се објаснети преку аналогии и метафори. Тие додуша знаат да бидат малку зезнати со оглед на нивната културолошка заднина која не е секогаш универзално разбирлива (дали баш секој од прва би сфатил што е „социјална мрежа“ ако таа се опише како „средсело“?), но од друга страна се многу поефикасни во пренесување значења доколку се погодат.
Така, според речникот „метаподатоци“ се „како она што го пишува на коверт - не содржината на вашите пораки туку само надворешните детали“. А омилено до сега ни е „машинско учење“ кое е дефинирано вака: „Тоа е како читање ливчиња чај. Затоа што се состои од препознавање на шеми податоци за да се предвиди што е следно. Само што ова функционира“.
Корисниците можат да гласаат за најдобрата дефиниција од неколкуте понудени, или да испратат своја. Така се одбегнува „диктатот“ на само една група луѓе која би го составувала речникот, и се следи популарноста/соодветноста на секоја дефиниција. За да ве поттикнеме да го пребарате, еве уште една:
Најава со лозинка во 2 чекора
(2 Factor Authentication)
„Тоа е како чевличката на Пепелашка. Таа може да го каже името и да потврди каде била пред полноќ, но само ако чевличката и’ пасува принцот ќе знае дека тоа е таа. Тој всушност бил ран поддржувач на 2FA"
Ако сакате да си поиграте со речникот тука