Ричард Стантон, автор на книгата „Заборавените олимписки уметнички игри“ (за која подетално пишувавме тука), копајќи по материјалите кои се чуваат во архивите на Меѓународниот олимписки комитет во Швајцарија, дошол до сознание дека од 1912-1952, во склоп на Олимписките игри биле доделувани медали и за сликарство, скулптура, архитектура, книжевност и музика. Како дел од визијата на Пјер де Кубертен, основачот на МОК и на модерните игри, тие наскоро повторно ќе бидат интегрален дел од целиот настан.
Четворица спортисти, кои се истовремено режисери или сликари, а кои претходно се имаат натпреварувано на вкупно седум олимпијади, овој пат нема да конкурираат за спортски медал. Тие ќе бидат резидентни уметници на зимската олимпијада во Пјонгчанг, Јужна Кореја, која треба да започне на 9 февруари.
Како што пишува Њујорк Тајмс, одлуката од страна на МОК била соопштена вчера, 5.2., а спортистите-уметници се: грчката атлетичарка Алекси Папас, британскиот фрлач на копје Роалд Брадсток, швајцарскиот мечувалец Жан-Блез Евекуоз (на фотографијата горе), и американската биатлонка Лени Барнс.
Ова е резултат на иницијатива за повторно оживување на традицијата згасната во средината на минатиот век, период во кој на бројни уметници им биле доделувани признанија за книжевност (на пример на ирскиот автор Оливер Сент Џон Гогарти, кој добил бронза во 1924 на Париските олимписки игри), архитектура (како што бил Џон Расел Поуп, добитник на средбро на Олимпијадата во Лос Ангелес во 1932) и за други уметности.
Воден од идејата дека уметноста и културата се дел од ДНК на олимпиското движење, МОК во 2014 започна програма за уметници, при што финансираше креативна работа на францускиот уличен уметник ЈR (скратено од Жан Рене), американската вајн ѕвезда Џералд Андал и германскиот писател Тилман Шпенглер. Ваквата идеја се покажа како одлична реклама за Олимписките игри, особено откако монументалните портрети на различни спортисти на JR се појавија насекаде низ Рио (слика горе).
Воочи игрите во Јужна Кореја организаторите сепак сакале малку поблизок контакт помеѓу спортот и уметноста, па одлучиле да пронајдат уметници во редовите на спортистите. Папас, на пример, иако е професионална атлетичарка која се натпреварува за Грција, е исто така режисерка и глумица. Таа во Пјонгчанг ќе креира серија кратки филмови во кои ќе се појавуваат актуелни олимписки спортисти. Роалд Брадсток пак ќе нагледува креација на 16 слики од натпреварувачи во тек на 15 дена, а секоја слика ќе биде посветена на еден од 15-те олимписки зимски спортови. Нему ќе му помага мечувалецот на списокот, кој е професионален сликар, и американската биатлонка, која е исто така професионален уметник, и специјализира сликање со јаглен.