Ричард Стантон, автор на спомнатата книга, дошол до ова сознание копајќи по материјалите кои се чуваат во архивите на Меѓународниот олимписки комитет во Швајцарија. Голем број од овие документи никогаш не ја виделе светлината на денот откако биле спакувани пред неколку децении. Практиката да се доделуваат награди за уметност датира уште од времето на Пјер де Кубертен, основачот на МОК и на модерните игри, кои ги сметал ваквите видови натпреварувања за интегрален дел од неговата визија за Олимпијадата.
„Тој бил образован и воспитан во класичен дух, и бил особено импресиониран од идејата за тоа што значело да се биде вистински Олимпиец - некој кој не е само добар во спорт, туку вешт и во музика и книжевност“, вели Стантон. „Сметал дека за рекреирање на игрите во модерен стил овој аспект не смеел да биде прескокнат“.
Сепак, убедувањето на организаторите не одело баш лесно. На првите игри во Атина, Сент Луис и Париз тој не можел да обезбеди вакви награди. Но конечно, за игрите во Стокхолм во 1912 го сторил тоа. Условот бил делата изработени во категориите архитектура, музика, сликарство, скулптура и литература да бидат инспирирани од спортот. Триесет и тројца главно европски уметници ги поднеле своите дела, и бил доделен златен медал во секоја од категориите.
Американецот Волтер Винанс, на пример, кој веќе имал освоено две олимписки медали стрелаштво, овој пат добил злато за мала кочија со коњи од бронза во категоријата скулптура (слика горе). Награда за архитектура добил план за модерен стадион, „Олимписки триумфален марш“ за музика, фризови со зимски спортови (сликарство) и „Ода за спортот“ (книжевност). Всушност, самиот барон бил помеѓу добитниците - стравувајќи дека натпреварот нема да привлече доволно учесници тој самиот ја напишал победничката ода под псевдонимите Џорџ Хород и Мартин Ешбах, со тоа што не им кажал ништо на членовите на жирито.
Но голем број уметници не гледале со доверба на овој вид натпревари и сметале дека учеството во нив ќе им ја наруши репутацијата, бидејќи тие биле организирани од аутсајдери на полето на уметноста. Тоа, како и промената во раководството на МОК по Втората светска војна, довело до укинување на уметничката Олимпијада. Од 2004 МОК пред летната олимпијдата најавува само конкурс за спорт и уметност на одредена тема, а наградите не се медали туку пари. Кубертен можеби е сепак задоволен.