Во моментот кога умрел, Чарлс Дикенс уживал спектакуларна слава, големо богатство и имал публика која го обожувала. Но неговиот личен живот можел да се сумира во фејсбуковското - it's complicated. Бил разделен од жена си (која му родила десет деца), која самиот ја прогласил за ментално нестабилна за да може да живее со својата млада љубовница, Елен Тернан (за тоа види претходно тука) во огромна куќа во Кент. Но неговата смрт предизвикала големи несогласувања во семејството. Каде треба да биде погребан? Близу својот дом, како што посакувал, или во големиот јавен пантеон, Poet's Corner, во опатијата Вестминстер?
Дикенс умрел на 9 јуни 1879 како последица на срцев удар, во својата селска куќа, близу Рочестер, во Кент. До скоро деталите околу неговата смрт и погребот се црпеа од авторизираната биографија на Џон Форстер, неговиот најблизок пријател, под наслов „Животот на Чарлс Дикенс“. Според тестаментот на авторот, содржан во биографијата, Дикенс сакал да биде погребан на евтин, непретенциозен и строго приватен начин; датумот или местото на погребот да не бидат јавно обелоденети; да се користат не повеќе од три едноставни погребни кочии; оние кои ќе присуствуваат на погребот да не носат церемонијални облеки и да нема друг вид „револтирачка апсурдност“.
Според планот број 1 Дикенс за место на своето вечно почивалиште ги посакувал малите гробишта под ѕидот на Рочестер хол, или (план број 2) Рочестерската катедрала, под надзор на тамошните црковни органи. Тие дури и имале ископано гроб за големецот. Но обата плана биле напуштени, за тој да почива заедно со другите книжевни џинови во Вестминстер ејби.
Форстер тврди дека медиумите инсистирале на погреб во опатијата. Приватниот чин се случил утрото на 14 јуни, во присуство на 14 ожалостени. Гробот бил оставен отворен во тек на три дена за јавноста да може да му оддаде почит на својот омилен автор. Британските но и странските весници пренесувале детали за смртта и за погребот, а сопругата на Дикенс добила и порака од кралицата Викторија, иако не била присутна на последното испраќање.
Но ново истражување објавено во Смитсонијан од авторот Леон Литвак фрла нова светлина на целата приказна. Имено, Фостер заедно со поглаварот на Вестминстер инсистирале на погребот во националниот пантеон на поети поради свои лични цели. Ова било начин најблискиот пријател на Дикенс да ја заврши биографијата на соодветен начин - со тоа што субјектот на неговото истражување ќе стане засекогаш врежан во колективната меморија на нацијата. Стенли пак на овој начин го додал Дикенс на листата на славни луѓе чии погреби ги раководел, меѓу кои оној на истражувачот Дејвид Ливингстон, и на лорд Палмерстон, поранешен премиер на Британија. За обајцата, погребот на Дикенс претставувал врв на нивната кариера.
Литвак прави можна реконструкција на настаните кои се одвивале непосредно по смртта на Дикенс, приложувајќи докази во форма на писма, преку кои се илустрира горната теорија. Сепак, полесна за истражување била приказната на поглаварот на Вестминстер, додека повеќето од доказите за плановите на Фостер се тешко достапни. Претпоставката е дека тој намерно ги уништил, заедно со сите белешки за неговата тритомна биографија на Дикенс, кои ја вклучувале и неговата коресподенција со него.
Она што мора да се признае е дека пренебрегнувањето на желбите на писателот обезбедило неговиот гроб да стане место на аџилак, каде неговите обожаватели се собираат и на денешниот ден, 7 февруари, за да ја одбележат годишнината од неговото раѓање, но каде што на 8 јуни 2020 ќе бидат одбележани и 150 години од неговата смрт. Биографијата за Дикенс на Фостер завршува со следниве зборови:
„Кога се гледа кон гробот, од неговата лева и од неговата десна страна, се спомениците на Чосер, Шекспир и Драјден, тројцата бесмртници кои направија најмногу за да го создадат и да го зацврстат јазикот кому Чарлс Дикенс му даде друго, вечно име“.