Во текстот на Патрик Лири, „Како скандалот со Дикенс стана вирален“, авторот тврди дека најверојатно токму Чарлс бил оној кој ја лиферувал информацијата за наводното лудило на жена си во јавноста, обезбедувајќи дека таа ќе стане официјалниот наратив - објаснување и оправдување на неговиот развод во епоха во која законското разделување на сопружниците било прилично ретко.
Нови 98 писма, пронајдени од професорот Џон Боуен од Универзитетот во Јорк, фрлаат дополнителна светлина врз целиот случај. Тие претставуваат преписка помеѓу семејниот пријател и сосед на Дикенсови, Едвард Датон Кук, и негов пријател-новинар, и вклучуваат детали за разделувањето на парот, кои Кетрин ги споделила во 1879, годината кога починала. Во едно од нив Кук вели: „Тој (Чарлс) сака да ја стави во лудница, кутрата!“. Ова само се надоврзува на претходни сведоштва, на пример на тетката на Кетрин, која тврдела дека писателот се обидел да го поткупи докторот на неговата внука за овој да ја дијагностицира како ментално нестабилна. Некако му доаѓа логично што неколку години откако овој одбил, Чарлс јавно го нарекол „медицинско магаре“.
Дикенс во ваквата постапка веројатно бил инспириран од пријателот Едвард Булвер-Лутон, чијашто сопруга, исто така писателка, била затворена во приватна болница. Но додека таа била (најверојатно) реален психијатриски случај, на жената на Дикенс не ѝ било местото во една таква институција.
За љубителите на овој автор кој е познат како агилен социјален реформатор, заради своите емпатични описи на сиромашните во Британија и воспоставувањето безбедни куќи за бездомните млади жени, ова може да не е за верување. Но работата може да стане појасна ако се знае дека вистинската причина е што тој се заљубил во младата актерка Елен Тернан (фото-горе), па мрчаторски настроената сопруга и нивните десет деца сигурно го почнале многу да го нервираат. Додуша подоцна, откако ја прогласил за некомпетентна мајка и за „лујка“ на Дикенс изгледа му дошол паметот, па подоцна ѝ купил куќа, кочија и и дал доживотна издршка, дозволувајќи им на децата да ја видат кога сакаат.