Британскиот музеј влегува во новиот свет на незаменливите токени (NFT - Non-Fungible Tokens) преку партнерство со новата платформа La Collection. Прва збирка која ќе биде пуштена за продажба на овој начин се дигитални разгледници со делата на славниот јапонски уметник Кацушика Хокусаи.
Таканаречените „незаменливи токени“ се базирани на блокчејн технологијата, која на купувачите им овозможува доказ за автентичност и сопственост, и покрај тоа што секое вакво дигитално дело може да се копира во неограничен број примероци. Трендот започна кога дигиталниот уметник Мајк Винкелман, подобро познат како Бипл, влезе во историјата кога во март оваа година преку аукциската куќа Кристис продаде дигитален колаж (oбичен .јpg фајл) за 69 милиони долари.
Новата НФТ платформа која е поврзана со музеи и институционални збирки, LaCollection, започнува со работа на 30 септември. Нејзина цел е да инспирира нова генерација колекционери и ентузијасти. За почеток е одбран Хокусаи поради изложбата која наскоро ќе се отвори во Британскиот музеј под наслов „Хокусаи: големата сликовница на сè“, на која ќе бидат изложени 103 до сега неизложени цртежи. Делата биле создадени помеѓу 1820 и 1840 за илустрирана енциклопедија која никогаш не била објавена.
На располагање ќе бидат ставени 200 НФТ уметнички дела, кои ќе можат да се купат онлајн, помеѓу кои и познатите „Под бранот“ и „Крај брегот на Канагава“.
„Важно е како музеј постојано да се прилагодуваме на новите пазари и да наоѓаме начини да допреме до луѓе до кои не можеме да стигнеме преку традиционалните канали“, изјавил Крег Бендл, менаџер за лиценци во Британскиот музеј.