Дојде време и библиотеките да мора да прибегнуваат кон маркетинг финти. Најновата доаѓа од јавната библиотека во Вичита, и се состои од информација на издадените сметки слични на оние кои се добиваат во трговија за заштедени пари или добиени поени. На сметката имено е пресметана заштедената сума при секое позајмување, која се надополнува со секоја посета, па читателот има увид во својата „животна заштеда“ од зајмување наместо купување.
Најголемата ваква сума која фигурира на сметка на корисник на библиотеката оваа година е 64.734.12 долари. А најголемата откако е воведена ваквата пракса е 196.076,21 долар.
Секако, како и кај „попустите“ и поените кои се добиваат во супер-маркетите и овде може да се најде замерка. Имено голем број книги (на пример класиците) се достапни бесплатно во дигитална форма, плус самите библиотеки не се „бесплатни“ во буквална смисла, бидејќи се финансираат преку даноци. Ама па и не звучи лошо дека ем си читал, ем си штедел.
Апдејт: Почнаа да пристигнуваат и реакции на читатели за локалните прилики. Според нив некои од нас треба да им даваат обратни сметки на библиотеките, за тоа колку пари се потрошени од домашниот буџет затоа што потребните книги ГИ НЕМА кај нив.