Доминик Сендрбук (1974) е автор на неколку книги на историски теми, меѓу кои и историја на Британија во неколку делови, од градењето на Суецкиот канал од средината на 19 век, до 1979. Најновата му се вика „Големата британска фабрика за соништа: чудната историја на нашата имагинација" и зборува за наводниот распад на британската поп-култура.
Книгата е опишана како „добро лоша", бидејќи прави одличен пресек на најважните моменти од историјата на поп културата (особено на музиката), напишана е без снобизам, но не успева да објасни зошто Британија, средно-голема земја која ги дала Битлси, Стоунси, Пистолси, Агата Кристи, Толкин или Хичкок, од крајот на седумдесетите наваму речиси и да не исфрлила оригинален талент во ниту една област.
Овој надолен тренд особено важи за британската телевизија, која денес произведува сапунски опери и костумирани драми кои „комбинираат учтиво порно со надменост" - по кој знае кој пат повторно се снима верзија на „Лејди Четерли", наместо да се вложува во нешто суштински модерно, како на пример „Брејкинг бед".
„Нашите шефови на културата се прерафинирани за да дозволат чиста мелодрама, што е базирана на добра популарна фикција, и премногу популистички настроени за да дозволат комплексност, што бара сериозна работа. Најлошо е што тие не можат да ги прават двете нешта истовремено, онака како што тоа го прави добрата уметност", вели рецензент на книгата на Сандрбрук во Гардијан.
Но најконтроверзен дел од неа е оној во кој авторот зборува за ликот и делото на Ленон, кој денес (9.10) би полнел 75 години. Признавајќи дека Ленон е неспорен културен симбол на Британија, тој токму во ова ја наоѓа и најголемата иронија - човекот кој се смета за бунтовник и идеалист според него целиот живот кокетирал со фрази кои би ги кажале учеснички на натпревар за Мис на светот („посакувам светски мир"), и кој наместо реална соработка помеѓу луѓето за која пее во Imagine, всушност покажувал неверојатен егоизам.
По снимањето на „Херој на работничката класа" во 1970, тој ја опишал песната како „револуционерна, за луѓето како мене кои се од работничката класа, а кои машинеријата би требало да ги процесира во средна". Но ова е чиста автомитологија - иако историјата на семејството на Џон е неконвенционална, бидејќи татко му исчезнал кога тој имал пет години, а мајката го предала на нејзината сестра на чување, сепак тоа не било работничко. Мими и Џорџ Смит, кој го исчувале Ленон во куќата имале сандак во кој ја чувале „Историјата на Втората светска војна" на Черчил во кожен повез, а одгледувале и мачки со педигре. Нивната куќа дури и имала сопствено име, Мендпис, што според сеќавањата на Макартни било многу „пош" (што би рекле денес, хипстерски), бидејќи таму од кадешто тој доаѓал „куќите немале имиња".
Ленон едноставно имал потреба да се претстави како еден од оние британски мажи и жени кои доаѓаат од скромни семејства, но чие искуство на сиромаштијата им овозможило да се изградат себеси. Тој не бил ни малтретиран на училиште како што асоцира во некои негови песни, напротив често бил оној кој ги малтретирал другите, дури и со тупаници. Неговите биографи наведуваат и чудни опсесии со џуџиња и деформитети, како и исмевање на Евреите и хомосексуалците. До 25 години веќе имал Ролс-Ројс и Ферари. Кога се снимал филмот „Помош!" во улицата Бонд режисерот му рекол да влезе во една од луксузните златари, само да помине од една врата низ друга. По пат успеал да потроши 25,000 евра.
Но ова не е Ленон кои обожавателите сакаат да го памтат. „Вистинскиот" според нив бил аскет, кој се гнасел од поседување предмети и ги отфрлал лицемеријата на капитализмот. Политички почнал да се ангажира, макар и благо, дури кога ја остварил својата примарна амбиција да стане неверојатно богат. Пресвртот во воспоставувањето на имиџот на Ленон како уметник-идеалист се случува по неговата средба со Јоко Оно, со која со денови лежеа во кревет за да привлечат внимание кон војната во Виетнам. И тогаш некои од весниците го исмеваа перформансот нарекувајќи го „влакнеста шарада", преку кој двајца хедонисти го шират евангелието на мирот на нивниот пат до банката.
Сепак, колку што медиумите го исмеваа, толку тие всушност ја засилуваа неговата репутација на осамен херој, несфатен идеалист. Неговата „Замисли" е снимена во студио кое е дел од огромен имот со прекрасни градини, кој Џон и Јоко го купиле од производителот на чоколади сер Питер Кедбури. До времето кога се преселиле во Њујорк, Џон веќе имал импресивна колекција на египетска антика и оригинална слика од Реноар. Жена му пак работела на маса опточена со злато. Според една анегдота, кога Ленон му се пожалил на личниот асистент околу трошоците на водењето бизнис империја, овој му одговорил со „Замисли дека немаш никаков имот". Џон одговорил: „Тоа е само проклета песна".
Делот од книгата којшто зборува за Џон тука