Автобиографијата започнува ударно - со сеќавање на снимањето на мачната сцена на крајот на втората сезона на „Брејкинг бед“ во која девојката на Џеси, Џејн, умира од предозираност додека Волтер ја набљудува, без да мрдне со прст за да ја спаси. Во тој момент врз нејзиниот лик му се појавил оној на неговата сопствена ќерка, Тејлор:
„Вложив сè во таа сцена - сите нешта кои сум и сите нешта кои можев да бидам, сите споредни патишта по кои сум одел и сите грешки, сите неуспеси и порази. Без истовремено и убиец, и некој способен за голема љубов. Бев жртва во стапица на околностите кои сам сум ги создал. Бев Волтер Вајт, но никогаш повеќе и јас самиот. Заминав на место каде никогаш не сум бил“, вели тој во книгата.
Без оглед дали ова било трансцедентно искуство или едноставно производ на прекумерен умор по 13-часовни снимања во Ново Мексико, ова е една од најсилните епизоди во новиот мемоар на Брајан Кранстон, четирикратен добитник на Еми, добитник на Златен глобус и номиниран за Оскар во 2015 за биографската драма за холивудскиот сценарист Далтон Трамбо. Во книгата тој го опишува првиот актерски ангажман на седум години, глумењето на таткото во семејната комедија „Малком во средината“ и неколку појавувања во „Зајнфилд“, до улогата која ќе го дефинира до крајот на животот, на професорот по хемија кој станува производител на мет.
На настан организиран во живо од Гардијан по повод излегувањето на книгата, запрашан дали дел од подготовките за оваа улога било и земањето дрога, Кранстон изјавил дека најдалеку што отишол во „експериментирањето“ со супстанци биле „егзотично зачинети“, наркотични лижавчиња кои се делат на калифорниски забави, па дури и тогаш морал да ги крши на помали парчиња за да не претера.
Во некој вид Прустов прашалник објавен во истиот весник тој открива дека неговата најлоша навика нема никаква врска со пороци туку со - рециклирање. „Мојата посветеност на рециклирањето е религиска, и многу се лутам кога други луѓе не го прават тоа“. Омилен мирис му е вратот на ќерка му, а книга која му го сменила животот „Мажите се од Марс, а жените од Венера“. Кога би се снимал филм за него би сакал да го игра Мистер Бин, а навлечен е на „декадентни десерти“.
Слушнете извадок од мемоарот прочитан со неговиот смирувачки глас: