Оние кои веруваат дека уметноста и науката имаат заеднички елементи, често пати ја потенцираат симетријата како еден таков концепт. Од фундаменталната физика до биологијата, науките често пати ја ставаат во преден план, а пак филозофите, како Платон, ја изедначуваат со убавина и хармонија. Но уметност заснована врз геометриска симетрија е ретка: дури и нешто што изгледа така (како делата на Мондријан, на пример) сепак се базира на послободна употреба на плоштини или на рефлексија, што не секогаш дава сосема симетрична слика.
Оваа недела во Франција се одржува конференција на една необична тема, која според учесниците е многу порелевантна за спојот на различните научни дисциплини, хуманистичките науки и уметноста - асиметријата. Првиот Европски симпозиум за асиметрија ќе се одржи во Ница, а неговата програма покрива широк опсег теми, од глувчешки зиготи и пазарни економии, до јапонска уметност и невронаука.
Во историјата на науката чест е случајот токму асиметријата, односно креативното мислење кое исчекорува од симетричната шема, да доведе до нови научни резултати. Кристалографија, кондензирана материја, хемиски модели, но и уметнички дела (архитектонски, книжевни, музички) кои раскрстуваат со стерилноста на симетричната совршеност. Откако еднаш ќе се постигне, симетријата го губи сиот капацитет да нè изненади, па бесконечното повторување на една иста тема или мотив станува досадно. Вакви отстапки има и во природата, и тие иако од наша гледна точка можат да се толкуваат токму така, како девијации и отстапувања од „нормалното“, всушност се начин на која природата експериментира и еволуира.
Кога симетријата е нарушена, тогаш се отвараат нови патишта, и треба да се направи избор: кој пат да се фати? Зошто овие закони а не некои други? Ваквите избори помеѓу алтернативи, од кои ниту една не изгледа очигледно „точна“ или „исправна“, понекогаш се тешки. Но токму тој избор на еден од голем број можни светови ја прави асиметријата посебна, за разлика од нејзината „спастрена“ сестра, која не нуди креативност и возбуда.
Извор: Nature