Питер Фрохен имал бурен живот. Роден во Данска во 1886, тој бил новинар, истражувач, режисер и професор. Се борел против нацистите, а подоцна во животот победувал на квизови и обезглавувал мечки. Бил огромен, со широки плеќи, како „буре“, брадосан, висок нешто повеќе од два метри.
Кога имал 20 години видел претстава за поларна експедиција и веднаш ги прекинал студиите по медицина за да исплови до Гренланд на парен брод, работејќи во котларницата за да си го плати патот. Во 1919 заедно со својот пријател Кнуд Радмусен, веќе етаблиран арктички истражувач, ја изградиле трговската станица Туле во северен Гренланд, во тоа време најсеверниот ваков центар на планетата. Именуван според стар картографски термин кој означувал „вон границите на познатиот свет“, тие ја користеле базата како почетна точка за уште поодалечени мисии.
При едно такво патување, Фрохен се одвоил од групата за да доземе намирници кои биле заборавени во кампот. Но почнала неочекувана бура, и тој го загубил чувството за тоа каде се наоѓа. Одлучил да поспие до утрото, па ископал ров за да легне во него, ставајќи ја санката на врвот, плус натрупал торби и кожа од мечка која ја убил претходно.
Но кога се разбудил сфатил дека е заробен, односно затрупан. Торбите не сакале да мрднат, а санката била замрзната и залепена за земјата. Успеал да направи некаква дупка но се преценил, па кога ја бутнал главата низ неа, целото лице му замрзнало сосе брадата. Едвај се извлекол предизвикувајќи си големи повреди на лицето.
Тогаш на памет му паднала идеја - често гледајќи кучешки измет на патот, имал забележано дека тој замрзнува цврст како камен. Колку и да било глупо, завршил работа во гаќи и од изметот успеал да направи алатка во форма на копач која ја оставил да замрзне.
Наскоро успеал да се извлече од смрзнатиот гроб. По три часа ползење низ снегот безбедно се вратил во кампот, каде морал да пресече неколку ножни прсти кои му смрзнале. Неговата приказна е реконструирана и анализирана во текот на годините, без конкретен заклучок дали ова било можно, но без оглед, таа му донела голема слава.
Види претходно: Иг нобел награди 2020