Писмо од вашата омилена писателка

Ана Голејшка, или девојката чија младост е заразна

Во продолжение на рубриката „Писмо од вашиот омилен писател", после Венко и Румена, продолжуваме со една девојка и нејзиното „перпетум пишувабиле“. Дами и господа, Ана Голејшка.

Ако заседнете со неа во кафана нема шанси во некој момент да не почне да ви пее. А пее убаво, исто како што и пишува. Зрачи со таква енергија и ентузијазам што просто ги снеможува и обезоружува оние помрачните како нас. Кога ни го испрати писмово се извини што било - прекратко! И додека пролетта се пробива низ цутовите јоргован во скопските дворови, нејзината поезија, со сета нејзина љубовност, меко атерира по парковите и улиците. Љубовта ви е лигава? Нормално. Затоа што е прва лига.

Еве го нејзиното писмо до вас, нејзините сегашни или идни читатели. Нејзе пак можете да ѝ пишете на @A_Golejska. Или да ја ѕирнете нејзината збирка „Љубов на улица".

************************************

Драги мои,

Сево ова е еден голем луд свет од претстави на кои јас ви аплаудирам Вам. Мојата инспирација е вашиот несовршен и нескротлив ум. Па затоа и пишувам, за да има како да си се најдеме. На пола пат или на среде – важно да се најдеме. Понекогаш се преиспитувам – зошто ова го пратив како порака до вас? Кој сака да чита поезија за велосипеди и неба? Има. Има такви меки души во кои верувам, а истото ми се враќа назад. Перпетум пишувабиле. Нема автор без претходно исчитана приказна. Секој ден крадам од уличните средби. Од исплашените колеги во лифт (што едвај чекаат да стигнат до катот што им треба!). Од замрзнатите погледи на спомениците што живот мачат во градов.

Зар не е волшебно да можеш да ги пренесеш сите тие секојдневни мали дефекти на животот? Со ефект на пливање – умор и истовремена радост. Зошто пишувам за да си се гушнам со вас. Понекогаш и да се истепаме, кога ми пречат преполни автобуси, уморни телевизиски канали, лажни револуции и ноќни полуции. Пишувам за да ги преживеам сите мисли што ги читам од вашите секојдневија. Како низ филтер. Нешто останува нечепнато, нешто се менува до неразум.

Понекогаш ме нервирате. Понекогаш ве нервирам и јас. Да да да... Пеперутки, жолти сонца, виножита. Е, па не е секогаш така. Има ќошиња во кои дреме и темната страна на Месечината. Од неа најубаво се црпи несоница, стих и меланхолија. Се наоѓаме и по статуси, по твитер кафези и сето тоа функционира. И надвор од сите рамки, слободата да се пишува, драги мои, е најголемо богатство што не можам да го потрошам никогаш. Освен кога сум цинична и ме боли глава. А многу ве сакам и ве гледам секогаш позади кулисите. Tаму завевчињата кријат интими што едвај чекам да ги здогледам, со ефект на ладно пиво на плажа. Сркам од небото, драги мои. Она што се вели, сакаш да зачуваш нешто од заборав. Па, во суштина, секој кој се занимава со пишување, се занимава со себеси и својот (не)заборав. Еднаш некаде некому му реков дека пишувањето поезија е игра. И воедно е ослободување. А на крајот од денот, товарот на свесноста паѓа како лек слој прашина и сите сме мирни.

Сме напишале. Сме издишале. Ако е стих, нека е тих.

Во секое време, можам да ви нацртам збор. Полн умор, како набрано цвеќе од урбан парк кај што тинејџерите пишуваат ЉубоФ со ф. Во слободно време се тркам по асфалтот со случајни минувачи и секогаш излегува некоја песна, неочекувана. А така јасно видена претходно.

Можеби не сакам да ви кажам сè. А всушност, што уште не!

Сите женички што трчаат по автобусите наутро, сите нарциси случајно скинати по дворовите во Тафталиџе, кутрињата што се влечкаат околу Седмица и се понајадени од едно цело кралство, замачканите прозорци на преполните 22ки од кои воздивнува животот, дрвените столчиња по затутулените париски кафулиња и летот замрзнат во очи се само парчиња од калеидоскопот што пресекојдневно го вртам и си играм, ко дете за да најдам нова глетка. Ете токму тоа ме забавува. А вам ви го посветувам, инаку кому? Замисленото другарче што го имам одамна порасна и сега се дружи некаде таму со некои други замислености. Кога пишувам, сè што ме стега, попушта. Неверојатен лек и лудилце истовремено. Би ве занимавала со едночудо смешки што ги доживувам гледајќи по кришки Месечина, скршени лулашки и полни, полни очи солзи на овој свет.

Воајеризмот и егзибиционизмот во еден букет. Токму тоа драги мои прекрасни читателки и читатели, е снопот што создава светлина додека пишувам. Особено кога нешто ќе видам, сакам да го пре – видам. Да го пре – несам. Како да сум ви прераскажала нешто што не сте го виделе зошто сте брзале на работа или децата врескале особено гласно дента. Пишувањето е мојот одмор, а читањето е ваш. Некогаш просто пишувам за да ја стивнам цела журка во мене.

Гаси светло. Фајронт. Се лажеме. Поезијата нема фајронт. Има бесконечна сила да пие и впива како боем. И токму тоа е нејзината сила. Ништо не ме задржало повеќе будна од неа.

Најубавата работа што ми се случила, е можноста да мислам. Да напишам. Па уште ако тоа и ве забавува, ве насмевнува или ве тера да си плачете од мака – тогаш одлично.

Си се имаме. Си танцуваме.

А зошто мерак ми е да ја пишам реченицата "Додворување со читателите", ќе ја употребам со еден слободен препев од мојот тинејџерски сон. Ќе ви текне.

А ќе ви пуштам и линкче.

Еве, ви се додворувам ;) Ви се пуштам ;) Со линкче :

Вие знаете дека јас сум невистинита
Вие знаете дека сум лажга
Кога ќе ви кажам
Дека не можеме повеќе од ова

Ајде, запалете го мојот оган.
Запалете ја ноќва

Вратите за љубов се отворени. Најголемиот подиум на кој може да се игра.

Искрено ваша,

Ана

4 април 2014 - 07:45