Џозеф Вајзенбаум, компјутерски инженер од Ем-ај-ти, при крајот на 1960-тите ја завршил работата на ЕЛИЗА, првата автономна компјутерска чет програма. Со 200 линии код, таа била способна да прави двонасочен муабет со човек. Иако прилично примитивна, програмата се покажала прилично ефикасна - луѓето ѝ ги доверувале своите најдлабоки тајни и проблеми. Така започнала фундаменталната промена во тоа корисниците да припишуваат човечки својства на машините, во случајов емпатија и грижа за другиот.
Вајзенбаум го предвидел ова. Бил роден во Берлин во 1923, а ја напуштил земјата со семејството во 1935 за да избега од нацистите. Завршиле во САД, каде по краток период во армијата како метеоролог, тој го започнал своето формално образование и ги применил своите значајни математички вештини во полето на тогаш новата компјутерска индустрија. Тогашните машини биле огромни, зафаќале цели простории, но иако биле во зародиш, тие веќе го демонстрирале својот потенцијал за комерцијална и образовна употреба. Во 1955, Вајзенбаум учествувал во дизајнот на првиот компјутер користен во банкарството.
Подоцна, како професор по компјутерски науки на МИТ, тој почнал да ги истражува можностите овие компјутери да водат разговор на англиски јазик со кој и да е просечен човек, што во тоа време не било можно. Да се „зборува“ со компјутер тогаш значело да се научи програмски јазик.
Верувал дека најдобар начин за да се постигне ова е да се имитира репетитивната структура на психоаналитичка сесија, со програма која ќе ги повторува зборовите и ќе ги парафразира нештата што ѝ се дадени во облик на прашање (како она - вие, лежејќи на кауч: „Тогаш мајка ми ми рече...“/психијатарот: „Мајка ви?“) Идејата била програмата да нема кој знае колку длабок резервоар на знаење, туку просто да го одржува разговорот. „Да размислев 10 минути повеќе наместо психолог веројатно ќе ставев шанкер“, изјавил креаторот во интервју од 1984.
Програмата ја нарекол ЕЛИЗА според ликот на Елиза Дулитл - продавачка на цвеќиња која е подучувана како пристојно да се однесува и како да зборува од страна на професорот Хенри Хигинс, од драмата на Џорџ Бернард Шо од 1913, „Пигмалион“. ЕЛИЗА се појавила во 1966, а на промоцијата Вајзенбаум ги поканил своите студенти и колеги да разговараат со програмата. За неа особено биле интересни зборови како девојка, депресија, мајка, татко итн. Ако не знаела што да одговори, секогаш можела да искористи „џокери“ во форма на „Те молам продолжи“ или „Тоа е многу интересно“, слично како соговорник кој баш и не ве слуша. Корисниците морале да внимаваат да не користат прашалник, кој бил толкуван како код за бришење.
Едноставна размена можела да оди вака:
Корисник - Дечко ми ми кажа да се обратам
Елиза - Дечко ти?
Корисник - Тој вели дека сум депримирана.
Елиза: Жал ми е што го слушам тоа.
Корисник: Вистина е, несреќна сум.
Елиза: Дали мислиш дека ова ќе ти помогне?
Ова од денешен аспект делува прилично просто и невпечатливо, но на времето претставувало вистински напредок во машинската интелигенција. Сепак, Вајзенбаум не бил подготвен за последиците. Иако постојано повторувал дека од другата страна нема човек и дека ова треба да се сфати пред сè како игра, на луѓето и тогаш исто како и сега им бил потребен некој кој ги слуша без да ги суди, па наместо да бараат реална помош почнале прекумерно да се потпираат на Елиза како да е вистински психијатар - први знаци на давање преголем кредибилитет на илузија на интелигенција.
Откако едно време била подзаборавена, ЕЛИЗА повторно предизвика внимание во 1980-тите, кога напредокот на личните компјутери ја приближи оваа програма до поголем број корисници. Но до својата смрт во 2008, Вајзенбаум продолжил да предупредува од опасностите на неконтролираната технолошка еволуција. Да стане сега да го види ЧетГПТ веројатно ќе ги избрише и тие 200 линии код.
Aко сакате да ја пробате ЕЛИЗА тука. Видете што ни генерираше нам во форма на „гем-сет-меч“: