Со едно тело - седум животи

Давајте потписи додека свеста живот држи, животи спасувајте, транспланирајте се. Со вашите срца, бубрези, мои, твои, сечии - живот вечен во туѓи тела обезбедете. И не се срамете. Црквата и да даде прекор, небитно е. Дали си православец, католик или муслиман, исто е. Во јатото на Свети Петар помили ќе сте. На Кузман и Дамјан другари ќе стaнете.  Живот доле на земјата сте оставиле. Дарувајте рожници, срца, дробови бели, два пара бубрези... Картици донаторски отворете, живот нечиј така продолжите. Од сите крв тече, сите од мајчина утроба, излез во неизвесност бараме.

1995

Ми шепна тивко...

Во името на добрината, добрувај. Лекувај ми ги раните ко китки празови свенати. Посегни среде ливади бодликави. Ми шепна тивко и нечујно. Памтам ко да беше вчера.

Се врткаше низ собата чекорејќи од еден кревет до друг, преправајќи се дека има битна работа. Ми ги раскреваше кесите, мрмореше ко да е свекрва или заваден комшија. Секогаш иста ситуација. Болничката соба беше место за празнење на фрустрации, празнење на преполни бешики, викање од грла суви барутни, место за пречек на безнадежни говори. Овде ѕидовите впиваа сè, од празни воздишки, детски радости, дим од евтини залутани пушени сланини, прашина и сјај од сликите закачени, непотпишани. Болници проклети да се.

Има денови кога шепкаше и кога шепотот во плач ќе овенеше. На момент весела со устите до вратот растегнати, честопати намуртена и секогаш расплакана. Ме лаже дека плаче од радост. Корените на плачот неутешен, длабоко во коските од остеопорози кршливи беа всадени. Несреќно детство со еден бубрег поминат, вештачки вени кои на рацете ко булки на ветрот треперат, секој минут прашање, ќе осамне ли денот за неа.

Со сите новородени родена, со сите живи оживеана, од најмали до најголеми игли избодена. Таа блескаше од пламен животен, распламтена во праскозорјето на нејзините болнички утра осамени. Ми се повери дека од тежината на деновите надвиснати, се чувствува ко слепа пијаница, ко грешник што крстот окован, цел живот бетер од Исуса го носи. Ќе одам до крајот, шепкаше тивко и нечујно. Престојот на планетата и онака одамна ми се има згадено.

Солзите се слеваа, а таа смогна сила животна, па прошепна: ''Ако не се разбудам, изгради ми споменик таму каде што патиштата се вкстуваат во беспаќе"...

И така, ден за ден, трансплатацијата ја чекавме. Бубрег очајно се бараше. Онолку голем колку и првиот пресаден, мајчиниот... Ќе се најде ли дaвател, ќе преживее ли животот и онака од болки посивен, од јадови човечки изгрбавен? Татко ти да дојде, се јави глас докторски во бели мантили пресвлечен.

И дојде денот, во телото по втор пат, бубрег ко коренче живот се насади. Татковата стреа овој пат живот еден под свои мишки собра. И мајка еден даде, и години подоцна, и татко рез на грбот изрежа. Се спаси животот кој од зачетокот на смрт беше осуден. Се исцеди од утробата вода жолта исфилтрирана. Бие вената на раката ко вулкан издадена. Ене го животот, уште со пресаден бубрег се крепи и кислород вдишува. Успеа втората трансплантација... Викајте ура, таа е жива и оживеана.

2013

Давајте луѓе органи, дојде ред да се спомне и презбори. Давајте, живот еден спасете. Викаат на глас доктори триста збрани.  Кадаверични, живи, секакви... Приказната погоре очи нека отвори. Оти, ако мајка и татко не можат, кој тогаш ќе помогне? На оној свет без органи да патуваме, само овде живот нека остане. Нека остари нечиј живот, нека продолжи...

Давајте потписи додека свеста живот држи, животи спасувајте, транспланирајте се. Со вашите срца, бубрези, мои, твои, сечии, живот вечен во туѓи тела обезбедете. Не се срамете. Црквата и да даде прекор, небитно е. Дали си православец, католик или муслиман, исто е.  Во јатото на Свети Петар помили ќе сте. Живот доле на земјата сте оставиле. Дарувајте рожници, срца, дробови бели, два пара бубрези... Картици донаторски отворете, живот нечиј така продолжите. Органи боја немаат, органи религија не знаат. Од сите крв тече, сите од мајчина утроба, излез во неизвесност бараме.

Затоа што, ако животот ако реши да умре, нека продолжи во туѓи коски да крцка и чекори. Дарувајте и не чекајте со мисла дали или не, хумани да бидете. Приказната погоре нека нè замисли.

Со едно тело - седум животи.

П.С.

Со посвета на еден живот кој успеа со две трансплантации, да дочека утра сончеви и радосни. Поддршка за кампањата. Ништо поумно со години не сме слушнале.