Во Рим Римјанин

Кај и да си, на Велигден во Рим да си.

И Рим бидна. 

Рим, повеќе од останатите градови кои било кога ги посетувам ми дава едно големо и неизмерно чувство дека цел свет живее во паланка, само римјаните не. И дур јас не сум го видела Њујорк, папокот на светот ќе ми остане Рим зашто римјаните (иако зборат на доста вулгарен италијански) сите до еден на латински знаат да испеат: "Рома капо мундит". И прави се- Рим е главен град на светот, зашто навистина не постои друго место на светот каде во еден километар квадратен имаш две ипол илјади години сконцентрирани на купче.

По некое време се мислиш дал ова беше од Адријан или Трајан. Или можда Цезар тука го убија? Ама најубавиот рецепт за Рим е да заборавиш да го гледаш водичот и да оставиш градот да те гушне.

А, колку е Рим тежок за раскажување, тоа го знаат и Вуди Ален и Алберто Сорди и Фелини.

Додека се симнуваш од Виторијано и ја гледаш терасата каде стоел Мусолини и му зборел, кој знае што му зборел на народов италијански, ти текнуваат оние работи кои сигурно не ти ги кажале учебниците по историја. Да си живеел ти и јас да сум живеела во триесетите, во кафич ќе сме побарале две опашки од петел, наместо два коктели зашто Дуче нејќел народот да употребува странски зборови. Сите да говорат италијански. Замисли сега нешто такво да се деси, ќе викавме : "Проверив на меѓумрежа." Учебниците по историја да имаа вакви информации, сите полесно ќе го запаметеа и маршот во  Рим и останатото.

Минуваш Виторијано каде знаеш дека има воен музеј па и не би отишол баш со трчање. Па идеш надолу и ете ти ги Фори Романи. Се обидуваш некако да скрпиш, што викаше Чушкова по латински во средно. Што значеше фори? Од таму правиш етимолошка анализа. Идеш накај форум и ти текнува дека можда форум-фори, а можда и фора има некој латински корен. Кујзнае?

Ти текнува и на некој си таму правен израз кој го научил на некој од стоте испити по право, но на крај, како по пропис и како што бива кога си на одмор, веќе си ги поминал Фори Романи и од карши тие на Трајан, па решаваш етимолошкиот проблем да го одложиш за некој следен пат.

Колосеум. У реду. Минатиот пат ми се виде поубав, можда зашто почна да врне. Врне ли врне ко да ќе му снема. Али тоа не ти ги уништува плановите да тркнеш до Ватикан, пошто денес нели е среда после Велигден и според нашата најглупа логика на свет, требаше лежерно да се влезе. Здраво Свети Петар. Здраво Франческо. Здраво мала државичке.

Останете поздравени. Ред од прилика два-три саати.

"Ти "Пјета" си ја видел?"

"Да".

"Е па и јас сум ја видела".

Ја лисицата, ти грозјето, ќе се вратиме на постари години специјално за Ватикан.

Во меѓувреме многу гастрономија. Главните-во еврејското гето, позади театарор Марчело. И пак си викаш дека не постои друг град, на Рим сличен. Не постои друг град каде на амфитеатар п.н.е си додале спратови десет века подоцна и сè тоа хармонично си стои како така да се родило. Гетото е сугестивно за прошетка и за римски специјалитети: се јадат артичоки на еврејски да паднеш на газ. Чкембе по римски-суперлативно. Пржено колку ти душа сака, па така без да му признаам на маж ми, (ич не сакам да му викам дека е во право и кога е) си мислам дека е во право кога вика дека колку подолу слагаш, повеќе пржат. Така си е, немат збор.

Паста, све по римски. Матричана или Грича.

И Рим си те гушка фино, топло, како едвај да те чекал, а ти знаеш дека ќе ти требаат месеци за да видиш што крие. Знаеш дека времето е прекратко за да те запамети. И нормално, ќе си ја испоштуваш традиционалната туристичка маршута, зашто така бива. И во Треви секако ќе фрлиш паричка свртен со грб. За да му се вратиш пак. На градот, на јадењето, на час по историја,  по уметност или по уживање, за да видиш све што си испуштил или само за да го осетиш мирот на кој си наишол.

И после можеш пак во туѓ филм.

Да си бидеш Анита Екберг и да си го чекаш Мастројани. Во сцената после тоа можеш да бидеш зад Грегори Пек на веспа и да се возиш во римска ноќ, со месечева светлина. И иако од Треви до Колосеумот патот е тој, ама не е тој, можеш слободно да си правиш како во соништата. Каде едната сцена не е никако поврзана временски, логично или лично. Понекогаш дури не го ни гледаш ликот на тој кој го сонуваш или ликот не е тој кој е, ама ти, сеуште во сонот или во првите мигови по будењето, знаеш кој бил иако конкретно не бил. Сигурна сум дека ме разбра, не сакаше да звучи како брзозборка.

После тоа со веспата можеш и надвор од Рим. Да летнеш надолу преку Наполи. Да возиш без да застанеш. И да стигнеш до долги маслинови плантажи. И да немаш никаква идеа дал си во Калабрија или си скршнал па си дошол во Пуља. Па ќе застанеш во некоја крчма, заборавена и од Господ и од светот. Ќе ти зборат на некој дијалект кој нема да го разбираш, ама ќе им ја сфатиш ширината. И таму ќе те нагостат ко цар. Со топол леб, нови маслинки, зеленчук тазе берен. Ќе ти дадат некоја школка, некое рипче и голема, огромна тава шпагети. Зашто шпагетите од тава имаат поубав вкус, како ајварот од тенџере. За да си ја разладиш душата, малку едноставно бело вино, без претензии. И после тоа, под пролетното сонце ќе уживаш со сите можни сетила. Со секоја клетка што може да се отвори ќе им се отвориш на убавините. И сè е подобро од што е.

На крајот можеш пак назад, во реалноста. И во вакви денови е полесно отколку во некои други да си кажеш дека си привилегиран. Заради нешто што ќе си одлучиш самиот дека си. А светот не мора да ги знае причините.

Емили. Италија

emabela@yahoo.com

13 април 2013 - 08:19