Смртта како почеток
Ги извртев деветте круга околу куќата на Мирковиќ, душа немам повеќе. Ме правеа луда. Секаква. Што си губиш време, Сандра, нели видиш дека не ги бива, ти ли се најде паметна да ги спасуваш?
А јас, со секој изоден круг на Данте, откривав нова рана, солев сол по живо месо изгладнето. Лист по лист од нечии животи кинев, се глибав во жива кал до колена, барав спас за децата родени, за оние исти, неписмени, невакцинирани, ко диви мачки во двор пуштени.
Тоа се тие деца на реалноста. Од хорор филм да беа излезени, подобро ќе изгледаа. Мумлаат, иако се веќе големи, забите им се криви, лустер ишишани, возат некои точаци без тркала, лева им е десна патика. А мене ми е жал за нив. Почнав и сине да ги нарекувам. Чинам, и тоа им недостасува во тие ѕидови мувлосани.
Исусе, прости ми. Ива ја воскреснав.
Не си единствениот. Не си најизмачениот.
Белким увиде дека нејзиното лице со секоја нова помош се појавуваше на вратите од логорот на улица Октомври единаесетти.
Каков дом за бесење е тоа, Боже. Само уште гуските фалеа.
А и дете по име Сандра од родница со инфекција заразена излезе. Го носев на лекар. Во сини бенкици подарени, се исплакавме заедно. Секој за својата горка судбина.
Мајка ѝ тој ден се исповраќа. Вели ништо не јадела.
Смртта, нов живот ставен на коцка изроди.
Почеток на крајот
Дента помош поминав да однесам.
Се најавив уредно и кажав дека ќе наминам со кутии од Царинска Управа донирани. Со кесите в раце, отрчав во собата без прозорци во која живуркаа три мали дечиња. На Ива први братучеди. Три, за живо чудо, здрави дечиња.
Наместо неа, на врата заклучена однадвор, пред прагот четири очиња исплашени.
-Каде е мама, сине, прашав плашејќи се да чујам одговор.
Со десет денари стуткани во рачиња, не добив одговор. Децата за кратко време се расцркаа. Како да ги колеа. Јаренца окозени, оставени.
- Мамооооо, мамоооооооо... Мама да си дојде, мамоооо...
И тука почна нејзиниот почеток на крајот. Мама ја чекавме долго. Мама ја немаше. Мама проклето ја немаше.
Проструи во мене ладна крв полициска. Така ме учеа во Идризово. Нема милост за оној кој пред законот ќе се огреши.
- Ало, служби социјални. Дојдете и приберете ги.
Ги земаа. Ги однесоа.
Марина, ти сепак не ме послуша.
А ти ветив дека ќе ти помагам. Дека и алиментација ќе извадиме. Дека ќе ги пратиме пиленцата во градинка. Дека ќе ја поспремиме и собата.Ти ветив дека и тебе ќе те вработам да чистиш туѓи дворови.
Зошто Марина ги остави сами на улица?
Барај ги сега низ ходниците. Можеби ќе ги најдеш, но во туѓа прегратка.
Апсурд
Мори државо Македонијо, скапаницо една.
Зошто ги тераш луѓето да создаваат многудетни семејства? За да вака ги измачуваш?
За да не ги запишеш во книга на родени? За да котиш фантоми? За да се вадиш на тоа оти родителите се неписмени и неинформирани?
За да незапишани, немаш основа да им доделиш социјална помош? За да нема што да јаде онаа која дои во моментот, и која ми се онесвести поради прегладнетост?
За да молчиш како пизда затоа што во Куманово немаш социјални станови?
Не, државо.
Имаш отворено случај во Обвинителство. Ако се виновни, осуди ги. Нека сфатат дека не смеаат, па макар и за по канти одење, двегодишно дете дома само да остават. Осуди ги што ги чуваа незапишани, невакцинирани. Имаш закони, сети се.
Осуди ги, а прво себе во лице исплукај се, оти, за едни си мајка, за други - маштеа.
А јас, будалата?
Јас уште прашања ќе ти поставам. Јас уште деца фантоми ќе ти изнајдам. Ќе те терам до дупка за да докажам, дека во оваа држава нема живот за сиромашните. Нема живот за гладните. За родените без познато име и презиме.
Сандра
П.С
Во мојата двомесечна агонија за помош на семејството Мирковиќ и уште две други семејства, сакам најискрено да ви кажам дека сум уверена во нова трагедија во тие дворови. Не затоа што Весна е благо ретардирана и не знае нит кој ден е, нит која година. Не затоа што маж ѝ, на Ива татко ѝ, е секс машина која штанца деца и во неплодни денови.
Таму ќе се случи нова трагедија затоа што иднината сама по себе, ќе изроди деца необразовани, деца просјаци, деца немиросани.
Јас со помош на Царинска Управа направив многу за тие семејства. Претходно со народна помош соберена од цела Македонија, однесовме храна која за пет дена се изеде.
И едно од нив опериравме. И матичен педијатар ископавме. И уште една дупка во мојата душа отворив оти се мачам како самохран родител, правдини белосветски да исправам.
На сите неизмерно, пак и пак Ви благодарам.
Исусе, прости ми.
Една закопав, друга воскреснав. Морав. Знам дека тие очиња што мама си ја бараа, подобра иднина заслужуваат.