Владика во офсајд

Владиката Петар изјави дека жената игра пресудна улога кога е во прашање одржливоста на една брачна заедница и опстојувањето на една нација. Јас не разбирам зошто му се нафрливте толку на човекот, сè е до тоа како ќе ги интерпретирате неговите зборови. Да, може да ги сфатите како третман на жената како машина за раѓање деца, но може и да ги сфатите како најголем комплимент кој едно високо црковно лице досега го искажало за жените...

Според него, жените имаат многу едноставна задача во животот: ќе го слушаат мажот - главата на куќата и ќе раѓаат деца за одржливост и раст на нацијата. Исто како во палеолитот, освен делот со нацијата и уште една разлика што во споредба со старото камено време и малку поновите камени и помалку камени времиња од тогаш навака, мажот не мора да е оној кој поради физичките карактеристики ќе е снабдителот на пештерата со храна за да преживее човечкиот род бидејќи денес имаме супермаркети во кои и жените смеат да пазаруваат со пари што самите ќе ги заработат, додека децата ќе им се згрижени или од бабите и дедовците или во детски градинки. Оние понепотчинетите жени можеби може да си дозволат и домашни негувателки за своите чеда, а децентурионизираниот маж ваквата ситуација волно би ја прифатил. Во идеални услови, жената која не само што раѓа туку и работи од продавница на својот кременко секогаш ќе му донесе и ладно пиво. Може да зборуваме и за гајба, ако флинстон знае како треба да ја орасположи саканата.

„Јас тврдам дека жените или ќе ја спасат, или ќе ја уништат нашата македонска нација и нашата Црква..."

Де бе, отец. Па ни Османлиите ни Римјаните, ни астероидите и кометите не успеале да нè уништат, ти на мегдан ги земаш жените... Жените може едино да ја разубават нацијата ако помалку таложат брчки на челото од секирации за тоа што некој сака да им закачи цел на дознака: раѓај и слушај.

„...она што ќе се зачне во утробите на мајките, треба да се роди ако сакаме да опстоиме и како нација и како народ и како држава и како Црква..."

Владиката Петар е против абортусот. Океј. Јас сум против населувањето на Марс и забраната за правење ајвар во ЕУ. Црквата си има став по многу прашања кој може да ни се допадне или да не ни се допадне. Нејзина филозофија која не е воопшто обврзувачка, ниту пак нова. Одговорноста за поголемиот број на разводи меѓу МПЦ и верниците исто така треба да ја понесе и црквата која кога веќе се поставува во позиција на лајфстајл консултант, треба да смисли подобар начин за градење на однос со своите чеда, за утре да нема муабет дека „атеистите, будистите и џудистите, тие невернички пци се виновни за исчезнувањето на македонскиот народ и црква".  Народ кој веројатно кога размислува за селење некаде каде што ќе може да направи и одгледа и 4 деца без да пие апаурини дури смислува трикови и магии како да се стигне од петнаесетти до први во месецот, не баш се весели на филозофии на „сваровски“ нозе искажани или од црковни лица или од оние на власт за кои семафорите се секогаш зелени, а џиповите мирисаат на микс од темјан и свеж планински бор од зелената елкичка закачена на широкиот ретровизор во кој се очитуваат монализастично насмеаните лица на оние кои извршуваат одговорна но благородна работа за сите нас, на крајот на работниот ден, кој чиниш, никогаш не завршува.

Чест и част на црквата за улогата која ја имала одржувајќи го духот и вербата на народот во тешки ропски времиња, како и за онаа која ќе ја има во иднина, ширејќи ја најпозитивната филозофија на која се базира суштината на нејзиното учење. Истото важи не само за христијанството туку и за малтене сите други вери. Сите во суштината на учењето имаат многу човечки „закони" кои иако секој од нас ги знае и ги чувствува, воопшто не е лошо да бидат повторувани. Ама јазикот на кој ќе комуницираме како народ, верници или атеисти – потполно неважно, за неа сите треба да сме исти – со религиозната институција која се грижи за нас и сака да ни излезе во пресрет како народ на државата за која се грижи, треба да е предмет на постојана опсервација, надградба, корекција. Ако пристапот е арогантен, реакцијата ќе е еднаква. Ако пристапот е пријателски, одговорот ќе е најмалку сличен.

За разведрување, ќе завршам со аргументација за „оправданоста на аргументацијата" пер се, пласирана од папа или просјак, не е важно. Човек во брак би знаел да зборува за машко-женските односи многу повеќе од мене, нежења без ниту едно од планираните три деца. Јас од друга страна можам да ти кажам збор два за архитектурата, ама тешко ќе ми е да поставам стабилни аргументи на тема „офсајд стапица" иако фудбалот ми е пасија. Нормално дека знам што е, знам како се прави ама никогаш не сум пробал да ја направам и да координирам движење на повеќе од еден човек за да биде зафатот успешен. Во офсајд-стапицата не се потчинува никој никому, импулсивно се знае дека треба да се излегува од позиција на одбрана за напаѓачот да биде меѓу последниот човек од одбраната и голманот во моментот кога му е упатено додавањето. Судијата ќе го дигне знамето и нема да примиме гол. Теоретски, парче правам.

Некому ова му доаѓа природно и несвесно како вртење со главата во лево кога се преминува булевар на пешачки, и покрај зеленото светло за пешаци. Некому пак, ерго јас, му е нејасно само затоа што знае дека никогаш не пробал да застане меѓу тројца соборци контра четворица противници и да направи ваква стапица. Можда со мало вежбање би можел да научам. Не делува тешко.

По иста логика, не делува тешко ни свирењето виолина како Стефан Грапели или пијано како Мекој Тарнер.



Владиката Петар изјави дека жената игра пресудна улога кога е во прашање одржливоста на една брачна заедница и опстојувањето на една нација. Иако се има одречено и од жените и со бракот. Ви реков, ова е најголемиот комплимент кој едно високо црковно лице досега го искажало за жените...

Aнатеми и молитви на betmenvelit@gmail.com, @BatmanSaysT 

7 мај 2013 - 12:08