Замисли дека си ученик во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска". Конечно после две недели штрајкување на учениците етнички Албанци, ситуацијата се смирува. Врзуваш патики, туркаш лонче вода пред врата чисто ради симболизам за новиот почеток и влажнење на гладните центри за знаење, па весело потскокнуваш на пат за школо каде ќе може на раат да си израмнуваш равенки и да им влегуваш во џигер на ковалентните врски меѓу ученик во средно и деновите кои после 2-3 децении ќе ги раскажува како најубавите од неговиот живот.
И замисли дека како таков ученик во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска", си седиш на час, ја слушаш професорката која ти зборува за осиромашување на ураниум и неговата функционална и економска вредност, кога одеднаш ничим изазвано се одронува парче осиромашен малтер од таванот и – јебига, ти паѓа на глава. Онака, без најава, си тргнува во слободен пад без некоја посебна желба за уметнички дојам и високи оцени за стил на пад од страна на твоите сокласници. Само едно тупо бам! Са неба па у теме.
Во секунд ти се мешаат сите симболи од периодниот систем и во прв момент абер немаш дали малтерот кој те зарогачил има само калциум во себе или се забележани и атоми на силициум, али атомски брзо ти проработува ценарот за среќа и си викаш: „Ќути, можеше и полошо".
И можеше, во право си. Гледаш дека на школо не се учи само од учебник, ха?
Ученикот кој од медиумите дознавме дека се вика Мартин бил добар во главата уште одма после ударот и парчето од таванот долго 30-40 сантиметри и широко околу 5, воопшто не му ја пореметило хемиската структура во мозокот па несреќниот јунак сакал уште и да остане на школо за да продолжи со слушање на часовите. Вредно некое дете,
Тука да спаси ситуација, нормално, е наставникот кој инсистирал Мартин да оди дома и... да одмори глава. The best part: превентивно, наставниците и директорот ги мрднале клупите од тој дел на таванот, веднаш до прозорот, после молскавично направената проценка за ризик на повторно ронење на таванот поради влага, а како вештак во случајот ако им треба за да се оправдаат пред некоја фенг-шуи инспекција може да се вклучи една тврдо погалена тимба на едно дете по име Мартин.
Одлично, тоа е веќе сериозна заштита за во иднина кога учениците во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска" ќе седат на час надевајќи се дека желбата да се запишат во хемиско нема да им се удри од глава. Мене ми е жал за она што му се случило на Мартин и на она што ќе им се случи на останатите ученици по неодржуваните основни и средни школи, студентски домови и други места каде родителите ги праќаат своите деца верувајќи дека ќе се безбедни како да се дома и дека ќе научат ука од која еден ден ќе ги школуваат своите малечки.
И вистина може да се научат пар ствари: некој на пример може да научи дека во Македонија шанса да те здене среќата и да бидеш реновиран има само ако се наоѓаш на ачик место и низ тебе поминуваат 10.000 луѓе на ден (стоп за ред лајт дистрикт асоцијациите, сместа). У том имену, ајмо малку конструктивност. Имам предлог за учениците и наставниците во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска": да се организираат и да започнат настава во природа на плоштад, сè додека некој не си помисли дека иако сериозно безбедна мерка е да се помдрнат клупите од делот со оштетен таван за да не паѓа по туѓи глави, би било подобро и скроз фино да се реновира глупиот таван и целата училница и целото школо во кое децата треба да учат, а не да тренираат рударски рефлекс на бивање пресреќни кога ќе излезат од својот дневен престој неповредени.
И не може да каже човек (или некој зборлест таван, на пример) дека вакво нешто не се очекувало во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска". Сега беше таванот. Ако не е таванот, ќе се некои багабонти кои ќе малтретираат ученици по одмори (види фотос од ланска година и тепачките во истото школо). Ако не се тие, сигурен сум дека некој ќе добие идеја како да им го одржи адреналинот на учениците на високо ниво. Можеби и тоа е дел од практичната настава по хемија. Но од овие темпераментни услови за ука му докурца на еден дел од таванот па тој реши дека му е доста и дека ќе се сруши.
На своите колеги таванчиња веројатно им рекол: „Готово е браќа, заминувам од овде, се отцепувам и прогласувам слободна таванторија! Доста ми е. Се надевам дека ќе ме зафрлат кај некој човек кој транспортира отпад рецимо во Италија, па ќе завршам можеби на некое многу секси буниште и ќе одморам душа малку, да си чекам мирна старост. Ова овде веќе не се трпи."
Предраматично? Да, верувам. Сега замисли дека твоето мало доаѓа со скршена лобања од парче плафон кој демонстративно паднал од смеење на класен час бидејќи слушал како учениците со ентузијазам зборуваат за својата иднина и планови по средното школо, едвај го чекаат факултетот, доостручувањето и иднината која им седи пред очи и чека да биде набрана ко чај од боливач. Нели не е толку лабавко кога ќе замислиш како седиш на хирургија и чекаш да му зашијат глава јер влагата протестирала зошто не е доволно обработена ко материјал па решила практично да покаже што знае и умее?
Една работа не треба да не секира. Таванот ќе го поправат веднаш. Сигурен сум. Ова со тргнатите клупи од прозор е само привремено. Можеби и целиот покрив ќе биде среден. Ако имаат стварно среќен ден директорот, професорите и учениците, галиба и подот нема да остане нетакнут. Фасадата е најмал проблем, коефициент 1.15 дека ќе ја дофати раката на естетиката кога тогаш. Сè тече, сè се менува, особено ако си овде и ако си фасада.
Али еднаш да се поправи некое школо во лоша состојба пред да почнат да паѓаат ѕидови и тавански солзи сами да капат (прости ми), Подварок на мост ќе организирам како што организира вредниот Град Скопје, сите да дојдат и бесплатно да се подварат, а бога ми и леба ми ќе има и некоја коленица за делење.
Ако си ученик во средното хемиско во Скопје „Марија Кири - Склодовска" покрај стандардната хемија може да научиш и дека во Македонија е често опасно да се занимаваш со органска материја и со сложени супстанци. Дека е поважен јазикот на кој ќе се учи во школото, а не дали школото може да се сруши при наредната силно затворена врата од некој силеџија, штрајкувач или штрајкбрехер.
Како и дека некогаш треба да се скрши нечија глава за да почнеш да живееш побезбедно.
п.с. Мартин, со шлемот или на него, ти посакувам добро здравје. Ако некој нешто ти пререче на школо, кажи му да крши глава :)
ако ти се пишува, можеш тука betmenvelit@gmail.com и тука @BatmanSaysT.